Ако се анализираат работите може да се воочи дека се има зголемување од 3,3 милиони евра во дневници за службени патувања. И тоа за половина година. И ако се пресметаат на ниво на цела година не би биле 3,3 милиони евра туку 6,6 милиони евра дневници за службени патувања.

Ова е податокот кој денеска го соопшти потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, на трибината „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“.
– И околу 10 милиони евра се има исплати во извршни исправи. Не се знае какви се тие 10 милиони евра исплати по извршни исправи. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за плати има зголемување за 300 илјади евра – рече таа.

Поранешната заменик министерка за финансии нагласи дека горивата се скапи затоа што власта краде, но истовремено и не се откажува од 50 милиони евра годишно, колку што е буџетската импликација од 50 отсто намалување на акцизата.

– Во услови на ваква криза, на ваков ценовен шок што го трпат граѓаните мене ребалансот на Буџетот ми наликува како некој таму да седнал во Владата и погледнал дека приходите од ДДВ-то се прибираат повеќе од тоа што првично им било проектирано и кажал во ред продолжете понатаму. Значи 112 милиони евра се пари кои што власта ќе ги собере од граѓаните. Имајќи предвид дека во најголем дел платите ни се корегирани, значи ние зборуваме за минимална плата која што е корегирана, прашање нели колку од фирмите ја даваат или навистина не им ја даваат на вработените бидејќи се има информации дека се враќа дел од платата кај газдите итн. Но, реално кога ќе ги погледнете сите вработени во Македонија ќе видите дека нема такво зголемување на платите што значи дека буџетот на секој еден граѓанин е погоден, и во такви услови поради високиот ценовен шок вие одлучувате дека она што го планиравте во ноември како зголемување на приходите е малку и сега ви требаат уште 112 милиони евра повеќе да зафатите од граѓаните и стопанството – истакна Димитриеска Кочоска.