Заврши ерата на евтини кредити. Сигналот од Народната банка е пратен – позајмувањето пари ќе биде поскапо. Банките веќе почнаа со пресметки за колку да ги зголемат каматите, по вчерашниот 3 пораст на референтнaта камата од страна на Централната банка.
– Едно е сигурно. Парите стануваат поскапи. Ќе има зголемување на каматните стапки, затоа што референтната камата е основата по која се пресметуваат каматите. Но за сега не очекувам драстично поскапување на кредитите. Сепак, ова е единствениот лек за намалување на растечката инфлација, изјави Зоран Ивановски, универзитетски професор.
Од македонската Банкарска Асоцијација велат дека секоја банка самостојно ќе одлучи дали, од кога и за колку ќе ги зголеми каматите.
За да се заузда инфлацијата вчера и Федералните Резерви на САД, по трет пат во последниве два месеца ја зголемија референтната камата, како единствен начин за справување со растечката инфлација.
– Ова е најголемото зголемување на каматните стапки од 1994 година и ќе влијае на милиони американски бизниси и домаќинства, зголемувајќи ги трошоците за позајмување за домови, автомобили и други заеми со цел да предизвика забавување на економијата, изјави Џером Пауел, претседател на ФЕД.
Следниот месец и Европската Централна банка најави дека ќе ја зголеми референтната камата. Најголем дел од кредитите кај нас, пред се станбените, се врзани токму за оваа камата, односно ЕУРИБОР.
– Граѓаните кои имаат станбени кредити ќе настрадаат најмногу. Според проценките, во моментов има над 70,000 хипотекарни кредити, така што со ваквиот потег се очекува забавување на станбената експанзија, однсно заострување на условите, додава Ивановски.
Не се исклучува можноста за уште една интервенција од страна на Народната банка, веќе од следниот месец, во време кога, според екпертите фискланата политика не реагира, однсно предлага само популистички мерки кои се надвор од пазарната логика.