Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известуваат сите заинтересирани правни лица дека во втората половина на месец јули 2022 година ќе се објави Јавен повик за доставување на барања за користење на финансиски средства од мерка 3 “Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи” од областа на политиките за земјоделство и рурален развој на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програма за периодот 2014-2020 година).

Целта на ИПАРД Програмата 2014-2020 е преку содветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската унија и постигнување на одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните
средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.

Финансиските средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 во врска со спроведување на овој Јавен повик од јули 2022 година се наменети за поддршка на сите сектори од мерка 3 “Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Прифатливи за кофинансирање ќе бидат трошоците за набавка на опрема и услуги со исклучок на трошоците за градежни работи.

За инвестиции за “Набавка на опрема за производство на енергија од обновливи извори“
поставувањето/инсталирање на фотонапонски панели ќе биде прифатлив трошок. Со оглед на специфичноста на јавниот повик поради временската рамка за реализација на активностите од ИПАРД Програмата 2014-2020, “Решението за поставување на фото-напонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1MW“ барателите ќе мора да го достават при самото аплицирање.

Правилата за користење на финансиските средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 налагаат претходно склучување на договор на потенцијалните корисници со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и реализација на одобрената инвестиција согласно претходно договорените услови.

Контрола на самото место и спроведувањето на надзорот над договорот извршуваат овластени лица од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и релевантни институции од Република Северна Македонија за управување, спроведување и контрола на ИПАРД и Европска Унија.
Со оглед на специфичноста на јавниот повик поради временската рамка за реализација на активностите од ИПАРД Програмата 2014-2020, ги известуваме сите заинтересирани потенцијални корисници дека крајниот рок за реализација на инвестиции кои ќе бидат кофинансирани со овој Јавен повик e 30.05.2023 година, а рокот за поднесување на барањата за исплата е 30.06.2023 година.

Начинот и постапката за користење на финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2014-2020 се пропишани во Уредбата за начинот и постапката за користење на финансиска поддршка за мерки за рурален развој финансирани од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија.

Јавниот повик ќе трае најмалку 45 дена од денот на неговото објавување во дневните весници.
НАПОМЕНА: Потребната документација за подготовка и поднесување на барања, вклучително и Упатството за корисниците на средства по мерка 3 “Инвестиции во основни средства за преработка и маректинг на земјоделски и рибни производи” од ИПАРД Програмата 2014-2020 ќе бидат ажурирани и објавени на веб страната на Агенцијата во периодот до објавување на
Јавниот повик.