Сите домаќинства што имаат заштеди над 30.000 евра (тие се веќе обесштетени преку Фондот за осигурување депозити), ќе бидат обесштетени 100 проценти уште при оваа прва исплата. Исклучок се оние што земале привилегирани камати за своите депозити

По речиси две години, стечајната постапка на Еуростандард банка дојде до фаза кога за првпат се врши авансна распределба на собраните пари кон сите доверители – физички и правни лица, соопшти Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка. Оттаму информираат дека во стечајната маса се собрани 50 милиони евра, кои се во постапка на исплата. Вкупниот износ на заштедите во Еуростандард, според информацијата што ја добивме од Народната банка, е 112,3 милиони евра.

Лошата вест доаѓа од Извештајот на стечајниот управник, според кој на 12 август 2020 година, денот на затворање на банката, речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио на правните и физички лица, или речиси 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи.

Според адвокатот на штедачите на Еуростандард банка, Љупчо Кузмановски, сите домаќинства што имаат заштеди над 30.000 евра (тие се веќе обесштетени преку Фондот за осигурување депозити), ќе бидат обесштетени 100 проценти уште при оваа прва исплата. Исклучок се оние што користеле повластени каматни стапки.

– Уставниот суд на 25.5.2021 година донесе Одлука со која се укина член 163 став 3 од Законот за банките. Со оваа Одлука, Фондот за осигурување депозити го загуби правото на приоритетна наплата. Сега, од оваа стечајна маса, меѓу штедачите, предност имаат физичките лица. За нив има пари целосно да се обесштетат. Со преостанатите пари ќе се обесштетат физичките лица што користеле повластени каматни стапки заедно со правните лица, како и Фондот за осигурување депозити. Сите тие сега ќе се обесштетат по 35 отсто од нивното побарување – објасни Кузмановски за „Слободен печат“.
Според податоците што ги добивме од Народната банка, во Еуростандард имало отворени 2.087 сметки на фирми, на кои останале заглавени дури 13 милиони евра. Свои сметки имале и 136.000 домаќинства што во банката чувале 99,3 милиони евра. Овие податоци откриваат дека на сметките во Еуростандард банка, фирмите и граѓаните чувале 112,3 милиони евра. Притоа, преку Фондот за осигурување депозити се обесштетени оние штедачи што имаа заштеда до 30.000 евра. Вкупниот износ на такви заштеди бил 71,5 милиони евра. Досега Фондот ги исплатил речиси сите штедачи што имал обврска да ги исплати, а мал дел од нив вообичаено не се појавува за исплата, па така, на пример, уште се влечкаат долгови кон штедачи од Македонска банка.
Освен штедачи, Еуростандард има други доверители, меѓу кои и 170 вработени. Според регулативата, последните 3 неисплатени плати на вработените влегуваат во прв исплатен ред.

Привилегираните каматни стапки им донесоа непривилегирана позиција

Според законската регулатива, Фондот за осигурување депозити не ги обесштетува депозитите на депоненти на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата.

Така, дел од штедачите на Еуростандард кои имаа и помал влог од 30.000 евра, а кои користеа таканаречени повластени камати, немаа предност во наплатата на своите побарувања преку Фондот, дури сега го немаат ни правото на предност во исплата од стечајната маса што го имаат сите домаќинства за своите депозити. Тие своите побарувања ќе ги наплатат истовремено и во сразмерен износ како и фирмите.

Штедачите од „Еуростандард“ алармираат дека оваа регулатива е важечка за целиот банкарски систем и дека депонентите треба да бидат свесни за тоа.