Огранокот на Левица во Прилеп дојде до фрапантни податоци за тоа како и за колку пари се копаат цели ридови и планини во Прилеп и околината.

„Сѐ е оставено на милост и немилост и волјата на министерот за економија, Бектеши под чие министерство се издаваат дозволите и се води Регистар на доделени концесии за експлоатација на минерални суровини.
На нашето прашање: Листа на концесионери на минерални суровини на подрачјето на Општина Прилеп и висина на уплатени средства за 2021 година (под назив и висина на средства за секој одделно), Секторот за финансиски прашања и Сектор за урбанизам, комунални работи и заштита на животна средина на општината, ни ја проследи следната информација:
Од страна на концесинери за минерални суровини во 2021 година има вкупно уплатено 75.555 евра за надоместок за концесии за експлоатација на минерални суровини (по основ на простор) за цела година. Тоа ви доаѓа само 207 евра дневно за сите рудници за мермер, гранит, оникс…
Вкупно 693.783 евра се прибрани од сите концесионери за цела 2021 година за надоместок за концесии за експлоатација на минерални суровини (по основ на експлоатирана минерална суровина), или само мизерни 1.900 евра на ден.
Само 2.107 евра на ден се слеваат во општинската каса од сите рудници. Ако се знае дека само еден рудник копа и по 100.000 евра мермер на ден, а притоа најголемиот дел сее пресметува како ниска “Ц” класа.
Овие претоварени камиони поминуваат и низ централното градско подрачје, полицијата не ги отстранува од сообраќај за звучното и воздушно загадување, за оштетувањето на улиците за кои потоа народот го плаќа нивното санирање.
Десетици куќи се распукани од потресите, ја загрозуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот, не користат филтри, непотребните минерали ги исфрлаат на државно земјиште, а надлежниот инспекторат не реагира на сето ова гореспоменатото.
Имаме решение за ова со кое јавноста подетално ќе биде запознато во наредниве денови, соопшти ЛО Левица Прилеп.