Од утре пензионери се сите вработени со наполнети 64 години и остварен работен стаж од 15 години. Во пензија заминуваат вработените кои го користеле правото од стариот Закон за работни односи да може да се пензионираат на 67-годишна возраст.

Лани овој Закон е сменет, а со измените е предвидено, со исклучок на здравствените работници и универзитетските професори, на сите кои најдоцна до 31 август минатата година поднеле барање да работат и по навршени 64 години, договорите за работа да им се прекинат на 30 јуни годинава, поточно вчера. Во Собранието има предлог за нова измена на ЗРО со која во групата на вработени кои можат да продолжат да работат и по остварување на условите за пензија би влегле и судиите и обвинителите.

– За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” 62/2005… 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 110/19 и 267/20). Продолжениот договор за вработување важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година, стои во изменетиот Закон за работни односи.

Иако им се прекинува работниот однос по сила на закон, овие новопечени пензионери треба да ги остварат сите права што им следуваат. Односно, работодавецот треба да им овозможи искористување на преостанатиот годишен одмор, да им даде К-15, испратнина за одење во пензија или други надоместоци за кои правото го оствариле согласно закон.

Со новите законски одредби, кои се во примена од 14 јули лани, на жените им се дозволува да работат две години плус, односно ако сакаат, наместо на 62, да се пензионираат на 64 години, под услов да ги имаат потребните 15 години стаж. Со тоа се изедначуваат со мажите.

Весникот ВЕЧЕР неодамна во Министерството за труд и социјална политика праша за колку нови пензионери се работи од редот на оние кои лани поднеле писмена изјава дека сакаат да продолжат да работат, иако ги исполниле условите за пензија, но таму немаа прецизна бројка. Сè уште се во оптек старите неофицијални податоци дека до крајот на август лани продолжување на работниот век според стариот Закон побарале околу 8.000 лица, а најголем дел од нив се вработени во јавниот сектор.

Утрешниот наплив на пензионери ќе направи поголем притисок на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кој во последниве две-три години генерално на месечно ниво регистрираше намалување на бројот на корисници на пензија, поради зголемената смртност кај пензионерите предизвикана од пандемијата на ковид-19, но и поради користењето на можноста да се работи по исполнувањето на условите за пензионирање. Според податоците на Фондот за ПИОМ во мај се регистрирани вкупно 327.149 корисници на пензија, што е за околу 500 повеќе отколку во април. Со Стратешкиот план на Фондот за ПИОМ, за периодот 2022-2024 година оваа година треба да ја завршиме со 338.359, а следната со 342.419 корисници на пензија. За 2024 година е предвиден мал прилив од околу 4.000 пензионери.

Планот превидува годинава од касата на Фондот за исплата на пензиите да се потрошат околу 66,6 милијарди денари, за следната година расходите да се качат на 67 милијарди, а во 2024 година на повеќе од 69 милијарди денари. Но, овој план е правен минатото лето и во него не се пресметани зголемените трошоци за пензии поради новата методологија за нивно усогласување, која е донесена пролетва, а ќе се применува од септември.

Во ребалансот на Буџетот, за кој сè уште расправаат пратениците, е наведено дека во периодот од јануари до април годинава за редовна исплата на пензиите од државната каса се потрошени 21,8 милијарди денари. На крајот на годинава за пензии од буџетот би се потрошиле 5,3 милијарди денари, што е за 8,6 проценти повеќе отколку лани.