АД ЕСМ потпиша договор со ЕБРД за поволна кредитна линија за изградба на две фотонапонски електрани, ФЕ Битола-1 од 20MW и ФЕ Осломеј-2 од 10 MW. Изградбата на двете електрани ќе чини околу 25 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра ќе бидат грант од Европската комисија, што го намалува кредитот и самите трошоци за изградба за 20%, соопштија од ЕСМ.

„ФЕ Битола-1 од 20MW ќе значи почеток на енергетската транзиција на РЕК Битола. Електраната ќе биде изградена врз исцрпен рудник за јаглен и ќе биде најголема сончева електрана во државна сопственост. За РЕК Битола се подготвуваат и други проекти за фотонапонски електрани во кругот на комбинатот, од уште 260MW.

ФЕ Осломеј-2 од 10MW во Кичево ќе биде продолжение на почнатиот процес на енергетска транзиција на РЕК Осломеј, каде се подготвува почеток на изградбатата на уште две ФЕ од вкупнo 100MW“, се објаснува во соопштението.

Целта е, како што се нагласува, овие капацитети кои работат на јаглен целосно да ги замениме со електрани кои работат на сонце, а во РЕК Битола делумно и со гасна електрана.

„Во моментот АД ЕСМ е во тек на реализација на 12 проекти во обновливи извори на енергија, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM“, од 1420MW.