За околу три недели, со исплатата на јулската пензија, ќе почне и исплатата на скратените 5.000 денари од посмртнината за починатите пензионери. Практика во годините откога почна пандемијата е пензиите да се земаат предвреме, па се очекува првата група пензионери за јули да биде исплатена кон крајот на месецов.

Исплатата на разликата од 5.000 денари од посмртнината ќе се врши според редоследот на примените барања, а за новите починати пензионери нема да има задршки, туку повторно ќе се дава целата сума од 30.000 денари. Се смета дека месечно може да има по 1.000 исплати на задржаните 5.000 денари, а целата вредност на посмртнината од 30.000 денари да ја добиваат по 1.350 баратели.

– Доколку состојбата со починати корисници на пензија се стабилизира и изнесува околу 1.350 месечно, со уплатените средства во Солидарниот фонд од 309.000 пензионери, по 150 денари, ќе се обезбедат средства од околу 46 милиони. Со овие средства би можеле да се исплатат 1.350 барања за посмртна помош во износ од 30.000 денари од корисник или 40,5 милиони денари и да се изврши доплата на 1.000 приматели месечно по 5.000 или пет милиони денари – информираат од Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, која менаџира со средствата.

Во февруари годинава, Солидарниот фонд, кој исклучиво се користи за посмртна помош на семејствата на починатите пензионери што уплатувале средства во него, се соочи со недостиг на пари поради големиот број починати пензионери како резултат на ковид-пандемијата. Тогаш се донесе одлука таканаречената посмртнина или погребнина од 30.000 денари да се намали на 25.000 денари, со тоа што разликата би се исплатила кога ќе има доволно средства. Исто така, месечниот надомест што го плаќаат пензионерите во Фондот, се зголеми од 140 на 150 денари.

– Во изминатиот период, заклучно до 2020 година, редовно се вршеше исплата на посмртната помош на семејствата на починатите корисници на пензија.  Меѓутоа, кон крајот на 2020 година, во услови на вториот бран од ковид 19, кој најмногу имаше влијание на повозрасната група население, односно на пензионерите, значително се зголеми бројот на починати корисници на пензија. Оваа состојба продолжи и во текот на 2021 година, кога во одредени месеци бројот на починати пензионери изнесуваше и до 2.500, што е двојно повеќе од просекот на починати корисници на пензија во изминатите години, поради што се јави недостиг на средства за исплата на посмртна помош, а се зголеми и времето на чекање за исплата. Во такви услови, а со цел да се надмине недостигот на средства и времето на чекање за исплата, Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина во текот на 2021 година донесе времени одлуки за зголемување на износот на задршката за посмртна помош. Но и покрај тоа, овие мерки не беа доволни за да се надмине дефицитот на средствата за исплата на посмртната помош, а пандемијата продолжи и на почетокот од 2022 година. Така, во јануари, бројот на починати пензионери изнесуваше 1.739, во февруари 2.504 и во март 1.901 корисник – информираат од Солидарниот фонд.

Оттаму потенцираат дека одлуката за намалување на посмртнината е времена и е донесена на почетокот од годинава со цел во тие услови да се обезбедат средства за редовна исплата на посмртната помош, а и да им се помогне на семејствата на починатите корисници на пензија за покривање на погребните трошоци.

– На почетокот од 2022 година, донесена е времена одлука со која задршката за посмртна помош изнесува 150 денари, а исплатата на посмртната помош се определи на 25.000 денари при првата исплата, со право на исплата на разлика од 5.000 денари до редовната од 30.000 денари. Разликата од 5.000 денари ќе почне да се исплатува почнувајќи од јулската исплата на пензии според редоследот на поднесените барања и во зависност од расположливите средства – посочуваат од Солидарниот фонд.

По одлуката за времено намалување на вредноста на посмртнината, во март, април и во мај, во Солидарниот фонд месечно се собирале по околу 46 милиони денари, со што е зголемен бројот на лицата на кои им е исплатена посмртнина, од 1.450 во јануари и февруари на 1.868 во април и мај.

– Бидејќи по март 2022 година се смири пандемијата, како и бројот на починати корисници на пензија, од само 914 во април и околу 800 во мај, Одборот донесе одлука со која посмртната помош се определи на 30.000 денари, како и постепено започнување на исплатата на разликата од 5.000 денари на примателите на посмртна помош на кои им беа исплатени 25.000 денари, според редоследот на поднесените барања и во зависност од расположливите средства, со важност од исплатата на јулската пензија – велат од Солидарниот фонд.

За да ги отфрлат сомнежите во врска со времено намалената посмртнина, од Солидарниот фонд информираат дека собраните средства се уплатуваат на посебна сметка во рамките на трезорската сметка, а се трошат исклучиво за исплата на посмртната помош на семејствата на починатите корисници на пензија според редоследот на поднесените барања и расположливите средства и не може да се користат за други намени или да се злоупотребат.