Во првите пет месеци годинава Македонија извезла храна во вредност од 172 милиони евра, што е за 13,3% повеќе во споредба со истиот период изминатата 2021 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Во истиот период, во земјава била увезена дупло повеќе храна во вредност од 341,6 милиони евра, што е за скоро 17% повеќе од истиот период лани.
Тоа значи дека покриеноста на увозот на храна со извоз е на ниски 50%.

Дури 43% од вкупниот извоз на храна во првите пет месеци годинава отпаѓа на продажбата на зеленчук и овошје на странските пазари, чија вредност достигна 73,2 милиони евра.

Втора најголема ставка е извозот на жита и преработки на жита, каде најголем дел отпаѓа на кондиторските производи, со вредност од 37,4 милиони евра во периодот јануари-мај годинава.

На трето место е извозот на месо и месни преработки со вредност од 19,4 милиони евра во првите пет месеци.

Следи извозот на разни производи за исхрана и преработки со извоз вреден 11,8 милиони евра, извозот на кафе, чај, какао и зачини во вредност од 11,3 милиони евра и извозот на млечни производи и јајца во вредност од 9,5 милиони евра.

На страната на увозот најголема ставка отпаѓа на увозот на месо и преработки од месо чија вредност во првите пет месеци достигна 67,4 милиони евра.

Следи увозот на зеленчук и овошје чија вредност во првите пет месеци годинава достигна близу 56 милиони евра. Следи увозот на жита и преработки на жита во вредност од 49,3 милиони евра, разни производи за исхрана и преработки во вредност од 44,5 милиони евра, млечни производи чиј увоз изнесувал 36,7 милиони евра, додека увозот на кафе, чај и зачини во првите пет месеци годинава изнесувал 35,4 милиони евра.