Големата потреба за природен гас доведе до толку високи цени што земјите во развој повеќе не можат да си ја дозволат оваа „витална роба“, пишува ZeroHedge.

Увозот на течен природен гас во Европската унија е зголемен за 49 отсто од почетокот на годинава. Од друга страна, Пакистан бележи пад на увозот од 15 отсто и се соочува со прекин на електричната енергија.

Промената без преседан дојде во време кога ЕУ, плашејќи се дека Русија ќе ја „затвори чешмата“, почна да ги полни магацините пред следната грејна сезона. Сепак, ова ја зголеми цената на течниот природен гас, што го прави недостапен за земјите во развој.

„Поради војната во Украина, секоја молекула што беше достапна во нашиот регион беше купена од Европа, бидејќи тие се обидуваат да ја намалат нивната зависност од Русија“, рече пакистанскиот министер за нафта Мусадик Малик претходно овој месец.

Пакистан се соочува со прекини на електричната енергија поради недоволно снабдување со течен природен гас, кој на земјата и е потребен за да ги одржува електраните со работа. Причината за недостигот на залихи е тоа што Европа може да плати повеќе, па трговците таму испраќаат стоки, дури и оние кои првично биле наменети за Пакистан и други азиски земји.

Додека европскиот увоз на течен природен гас се зголеми за 49 отсто од почетокот на годината до средината на јуни, увозот во Пакистан падна за 15 отсто во истиот период.

Увозот во Индија падна за 16 отсто, додека увозот на течен природен гас во Кина падна за повеќе од една петтина, покажуваат податоците на Волстрит журнал.

„Европската гасна криза го „суши“ течниот природен гас ширум светот“, рече Валери Чоу, од консултантската фирма „Вуд Мекензи“.

Сепак, Ројтерс на крајот на јуни објави дека побарувачката за течен природен гас од Азија е во пораст, а еден аналитичар предвидува пад на увозот во Европската унија во втората половина од годината.

„Очекуваме увозот (на течен природен гас) во ЕУ, Турција и Велика Британија во втората половина на 2022 година да биде помал од она што го видовме во првите шест месеци, со пад од околу 16 отсто или 10 милиони тони. рече Тамир Друз, директор во Капра енерџи.