Претседателoт на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија, Перо Стојкоски, вели дека Македонија има услови за поголемо производство на пченица и дека за неколку години можеме да станеме независни во однос на овој стратешки производ.

Пченицата е речиси ожнеана, но таа не е доволна за да ги задоволи потребите на државата. Според проценката на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија, до крајот на жетвтата се очекува до 250.000 тони пченица, односно нешто помалку од лани, затоа што годинава има помали приноси. За задоволување на домашните потреби пак, се потребни 310.000 тони пченица, што значи дека околу 60.000 тони ќе мора да ги увеземе.
Но, актуелната состојба со руско-украинскиот конфликт покажа дека увозот на жито веќе не оди како порано, ниту во однос на цените, ниту во однос на расположливите количини. Македонија, во еден момент се соочи со забраната за извоз на пченица од страна на Србија, земја од каде што најмногу правиме увоз на пченица и на брашно.

Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата, вели дека Македонија има услови за поголемо производство на пченица и дека за неколку години можеме да станеме независни во однос на овој стратешки производ.

– Македонија има неискористено земјиште што може да се намени за производство на жито, има сончеви денови и има неискористено подземни води кои треба да ги донесеме на површината. За да се зголеми земјоделското производство треба дополнителна помош од државата за земјоделците и треба да се донесе регулатива за да може да се стават во функција подземните води со помош на државата. Министерството за земјоделство има студии за подземните води и тие покажуваат дека има голема количина неискористена вода на места каде што се сади, или може да се сади – вели Стојкоски.

За да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.

„Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението“, соопшти Владата.

Стојкоски вели дека е добро што Владата донела таква одлука но предупредува, таа сега да не се злоупотребува од страна на домашните откупувачи на пченица, па тие да ја намалат откупната цена.

– Пченицата почна да се откупува по 18 денари, па сега стигна до 19,5 денари. Ние баравме откупната цена да биде 20 до 22 денари. Реaлано, таква и требаше да биде цената, ако се земат сите зголемени цени и трошоци што ги имаме – вели Стојкоски.

Владата покрај забраната за извоз на пченица и на брашно ја укина и царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.