Украинската централна банка, повикувајќи се на длабоките економски последици од војната со Русија, ја девалвираше гривната за 25 проценти, пренесува „Reuters“.

Во соопштението од 21 јули, Украинската централна банка наведува дека новиот официјален курс е 36,5686 за еден американски долар.

„Овој потег беше одлучен со оглед на промената на основните карактеристики на украинската економија за време на војната и зајакнувањето на американскиот долар во однос на другите валути“, соопштија од Украинската централна банка.

„Војната трае речиси пет месеци, во текот на кои имаше значителни промени, а во такви услови официјалниот курс на гривната на ниво од 24 февруари повеќе не одговара на реалноста и постепено ја губи улогата на сидро за очекувањата“, се наведува во соопштението.

„Имајќи го предвид ова, Народната банка изврши еднократна корекција на официјалниот курс… Новиот курс ќе ја закотви економијата и ќе и даде стабилност во услови на неизвесност“, додаваат од Централната банка на Украина.

Девалвацијата доаѓа еден ден откако Украина побара од своите доверители двегодишно замрзнување на плаќањата на нејзините меѓународни обврзници во обид да ги насочи своите намалени финансиски ресурси за да се одбрани од Русија.