Со покачувањето на платите во образованието се создадоа нови проблеми во помалите општини. Некои од нив побарале да се вратат ингеренциите на Министерството за образование и наука или да им ги зголемат блок дотациите, во спротивно ќе мора да го редуцираат наставниот кадар.

Помалите општини во југоистокот повеќе од загрижени по ребалансот на Буџетот, каде помина и одлуката за зголемување на платите во образованието. Парите од блок дотациите одат за плати на просветарите, а само десетина проценти им остануваат само за електрична енергија, превоз, огрев.

По поднесувањето на барањето до Министерството за образование општината се надева дека нема да мора да носи радикални одлуки, односно намалување на вработените во образованието.

Босилово не е единствена општина. Пред извесен период и Општина Радовиш најави враќање на ингеренциите на Министерството со оглед на се помалиот трансфер на пари од државата, а зголемени обврски на општината во поглед на одржување основните и средни училишта.