Стартот на ЕУ процесот е болен и носи измешани чувства, но и надежи за брз економски бенефит. Упатените предупредуваат дека патот нема да биде лесен, а обврските за реформи – многу тешки.
Скромни, а во одредени сегменти и доста лоши се перформансите на македонската економија на стартот напреговарачкиот пат на земјатакон членство во Европската унија. Со најниски плати во регионот, една од најдлабоките сиромаштии во Европа, слабо ниво на економски развој, длабоко вкоренета корупција, недоволно реформиран правен систем кој не дава доволна сигурност за инвеститорите, лоша инфраструктура. Во вакви услови, според упатените, е илузорно да се очекува дека стартот на преговорите, макар и како скринингво оваа фаза, ќе донесе брзи економски промени во државата. Сепак, самиот момент, а и пораките кои се испраќаат од меѓународната заедница, даваат одредена позитивна надеж:

„Дали полесно ќе дојдат сега европски пари во државата? Па со оваа политичка одлука можеби тоа и ќе се случи, ќе добиеме можеби еден ‘бакнеж’, оти ова што го направивме е своевиден врв на погазување на одредени човекови права, историски права, политички права. Факт е дека целта и интересот е Европа, а ние како бизнис заедница сме секогаш за напредок и кој како сака тоа нека го разбере. Испративме политичка порака дека сме спремни по секоја цена да пристапиме кон преговори, меѓутоа за оваа одлука требаше да бидеме поткрепени, да бидеме подготвени не само политички, туку и оперативно, организациски и системски. Се плашам дека во овој сегмент не сме доволно подготвени системски да одговориме на предизвикот и тоа што ќе се бара од нас да го изработиме“, коментира за Дојче веле стопанственикот Миле Бошков.

Подготвеност за предизвикот

Во период кога доминира политичкиот момент, зачинет со историските болни прашања и внатрешната драматична поделеност, прашање е колку реално македонското општество е подготвено да се престрои и да се фокусира на неопходните реформи кои сигурно ќе бидат тешки, долготрајни, но со извесни позитивни придобивки:

„Мораме да знеаме дали можеме да се носиме со предизвик да бидеме отворени, транспарентни, отчетни за јавните трошења. Од досегашното искуство, недостасува сигурноста и вербата дека ќе можеме да го издржиме тој предизвик. Со знаење, одговорност и неиспраќање на пораки дека одвај го чекаме моментот да ‘чепнеме’ од средствата за лични или партиски интереси. И тука никој од надвор нема да ни помогне, ако самите не си помогнеме и не си воведеме систем на самоконтрола и одговорност. Оти ако не биде така, тогаш се плашам дека на гости ќе имаме повеќе инспекции и тимови од типот на оние од ОЛАФ, отколку од оние што ќе сечат ленти дека сме направиле пат, болница, или некој друг проект. Оти стандардот на ЕУ е поврзан со стандардот на секој оној што работи во ЕУ. По сите основи“, укажува Бошков.


Колку е подготвено македонското општество да се престрои и да се фокусира на неопходните реформи?

Слаба искористеност на фондовите

Пристапниот процес кон Европската унија македонското општество го оди веќе подолг период. Дел од законодавството е веќе усогласено, но она што загрижува е подготвеноста за искористување на она што се нуди како поддршка и проекти од Европа. Досегашните резултати по овој основ сепак се скромни, а тоа, според упатените, се должи на недоволниот потенцијал и знаење на оние кои тоа треба да го сработат:

„Ние, за жал, со години имаме ослабнување на кадарот кој треба да работи на искористувањето на фондовите на ЕУ, утврдено и во соодветното поглавје на извештајот на Европската комисија. Тука, почетокот на преговорите прави клучна разлика, бидејќи на државата ќе ѝ обезбеди предуслови за развој на тој кадар поинакви од ситуацијата на блокада која ја живеевме подолг период. Сепак, на крај на денот, унапредувањето на демократијата и економијата се наша сопствена одговорност, а процесот на пристапување ги унапредува условите за тој развој“, коментира за ДВ Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика.

Позитивен аспект, според упатените, е што барем во делот на законодавството низ годините институциите не спиеле. Добар дел од потребните реформи во делот на економјата се направени, дури и повеќе во споредба со некои од останатите земји со кои земјата го оди патот кон ЕУ:

„Усогласувањето со законодавството на ЕУ, примарно во сферата на економијата е процес кој кај нас се спроведува уште со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација од 2001 година, поради што и имаме релативно добра усогласеност, споредливо со Србија и Црна Гора кои преговараат со години. Со почетокот на преговорите обврските за нашата администрација ќе се зголемат во насока на усогласување на законодавството и ќе бидеме под зголемен мониторинг на имплементацијата. Дополнително, почетокот на преговорите кој би се комплетирал со уставните измени, ќе даде позитивен сигнал на инвеститорите од аспект на стабилност и може да се очекува зголемена економска активност“, смета Кацарска.