Единството на земјите од Европската унија во однос на Русија беше соочено со тежок предизвик поради зголемувањето на инфлацијата, трошоците за живот, како и најавените мерки за заштеда на енергија во пресрет на претстојната зима, пишува британскиот дневен весник „Фајненшл Тајмс”.

Весникот потсетува дека ЕУ демонстрираше „обединет фронт“ по почетокот на специјалната воена операција во Украина.

Сепак, високите стапки на инфлација, наглото зголемување на трошоците за живот во ЕУ и предлозите за намалување на потрошувачката на енергија се закануваат да ги наведат земјите-членки да ги напуштат своите остри антируски политики.

Иако многу западни политичари гледаат значителен ефект од санкциите на ЕУ врз руската економија, неколку земји од ЕУ се загрижени дека таквата политика скапо ги чини и удира по џебот на нивните граѓани.

„Постојат некои знаци дека барем по прашањето за енергијата, тоа единство не изгледа толку силно како што би можело да биде“, се наведува во написот.

Неименувани извори од ЕУ за Фајненшл тајмс изјавија дека во оваа фаза нема јасни планови за олабавување на ограничувањата на Брисел против Москва.

Освен ова, извор од германската влада, кој побара анонимност, потврди дека Германците не се подготвени во блиска иднина да ја ревидираат својата надворешна политика кон Русија.

Советот на ЕУ на 26 јули го усвои планот на Европската комисија за доброволно намалување на потрошувачката на гас во ЕУ за 15 отсто од 1 август оваа година до 31 март 2023 година.