Над 54 милиони евра годишно се очекува да се слеат во државната каса од новите даноци, коишто треба да стартуваат од 1 јануари идната година. За прогресивниот данок допрва ќе се расправа.

Над 54 милиони евра се очекува да се слеат годишно во државната каса од новите даноци, коишто треба да стартуваат од 1 јануари идната година. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на денешниот брифинг со новинарите ги презентираше даночните реформи, со кои е предвидено да се плаќаат придонеси за договорите на дело, како и воведување данок на каматите на штедните влогови. Па така, ако некој има заштеда од 100.000 денари со камата од 2 процента, приходот од камата ќе му биде 2.000 денари, а данокот од 10 проценти значат само 200 денари, вели Бесими.  

Одредбата според која личниот доход над 90.000 денари треба да се оданочува со стапка од 18 проценти, според најавите може да се ревидира, одложи или пак воопшто да нема прогресивен данок. „Дали ќе се воведува прогресивно оданочување или не ќе биде дел од јавната дебата. Исто така, ќе се работи интензивно и намалување на сивата економија и на подобрување на услугите во јавниот сектор“, порача министерот Бесими на средбата со новинарите по повод почетокот на јавната дискусија за даночните реформи.
Деновиве се отвори јавна дебата за реформа во даночниот систем. Министерството за финансии имаше средби со претставници на бизнис заедницата, група со најширок опфат и спектар на интереси, а дебатата ќе продолжи со сите општествени чинители. Министерот за финансии викендов преку колумна го презентираше концептот на даночната реформа, кој е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. Во јавноста, пак, има полемики и спротивставени мислења за тоа кој добива, а кој губи од даночните реформи.  

Голема фискална реформа 

Бесими најавува голема фискална реформа, или СМАРТ систем на јавни финансии. Овој систем ќе игра значајна улога во заздравувањето на економијата од кризата со која се соочуваме изминатите две години. Понатаму, тој ќе продуцира повисоки и одржливи стапки на економски раст, преку стратегиско, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. На расходната страна ќе се воведат механизми за стратегиско планирање, буџетирање врз основа на претходно остварени резултати, засилена контрола и транспарентност. 

„На приходната страна во СМАРТ финансиите потребна е подобрена наплата, поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување на повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето на приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување на процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг. Оттаму, подобрувањето на стабилноста, ефикасноста и квалитетот на целокупниот систем на приходи во земјата ќе обезбеди одржливо и добро управување со јавните финансии, вели Бесими. 

Концептот на СМАРТ финансиите е сите да го плаќаат својот „фер дел“ (праведен дел). „Ова е реално најисправниот начин за да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример антикризните пакети, без притоа да го зголемуваме јавниот долг“, вели министерот за финансии. 

Суштина на даночната реформа која се предлага е праведно оданочување, проширување на даночната база и „зелено“ оданочување.  Зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување, со кое придонесуваат за загадување на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси со цел да се постигне одржлив економски развој.