Повеќе од 20 милиони евра ѝ зеле извршителите на државата лани за да вратат долгови кон правни и кон физички лица по присилен пат.

Државата, односно нејзините органи и претпријатија користеле услуги од приватни компании и не им плаќале, а останувале должни и од други причини, па за да се наплати долгот, но сосе камата, доверителите ангажирале извршители. Во годишниот извештај на Комората на извршители за 2021 година стои дека од Република Македонија, како должник, извршителите наплатиле точно 1.242.193.445 денари или 20.198.267,40 евра.

Истовремено и државата имала должници на кои не можела да им ги земе парите, па ангажирала извршители за тоа. Сумата што ја собрала на тој начин е многу помала од онаа што ѝ е земена, па кога е во прашање присилната наплата, останала во длабок минус. Извршителите во нејзина корист наплатиле од должниците само околу 1,6 милиони евра, односно точно 96.527.778 денари или 1.569.557,37 евра.

Тоа значи дека од сметката на државата извршителите извадиле 18,6 милиони евра повеќе отколку што ставиле. Во 2020 година, пак, од државата извршителите наплатиле двојно помалку од лани или 9,4 милиони евра, а ѝ ја вратиле речиси истата сума – малку над еден милион евра.

На веб-страниците на дел од државните институции и компании може да се види каков бил нивниот однос кон навременото плаќање на долговите. На пример, во финансискиот извештај само за периодот од јануари до март лани јавното претпријатие „Македонија пат“ прикажува вкупни обврски од 1,2 милијарди денари, кои се за околу четири проценти поголеми од претходната година, а една третина од нив се обврски по извршни решенија. Или, ова претпријатие што е под капата на државата има 313.258.796 денари обврски по извршни решенија, кои чекаат за наплата во деловните банки. Претпријатието наведува и дека обврските за штети по извршни решенија се над 172 милиона денари и во споредба со претходната година се поголеми за близу пет проценти. Од друга страна, пак, „Македонија пат“ има и тужени побарувања од купувачи вредни 21 милион денари.

Извршителите лани од должниците наплатиле вкупно 130 милиони евра, во кои сумата повлечена од државата има најмал удел. Најмногу „настрадале“ компаниите, од кои присилно се земени околу 74 милиони евра, а на второ место се граѓаните, чии сметки се испразнети за вкупно околу 37 милиони евра. И според вратените средства, распоредот е ист. Во државната каса влегле најмалку, околу 1,6 милиони евра, на второ место се граѓаните на кои извршителите им вратиле нешто под 20 милиони евра, а по пат на присилна наплата на сметките на компаниите влегле околу 110 милиони евра.