Вчера конечно е раскинат договорот за јавно-приватно партнерство за стопанисување и управување со комплексот „Македонско село“ на Водно кај Нерези, објави „Фактор“, повикувајќи се на допис од Службата за општи и заеднички работи на Владата до Бирото за јавни набавки.

Во објавата на системот за јавни набавки пишува дека последната вредност на договорот со приватниот партнер „Квинс Хотел“, во јавноста познат како сопственост на Тинекс МТ, односно на бизнисменот Владимир Тодоровиќ, изнесува 6.840.016 денари, што значи дека државата од партнерството заработила само 112.000 евра.

Државата во овој проект вложи 5,2 милиони евра, додека, пак, 1,3 милион евра беа потрошени за внатрешното уредување и плус 30.900 евра за набавка на клупи, патокази и за три електромобили со кои се пренесуваа куферите на гостите во селото.

Договорот со „Квинс Хотел“ беше потпишан на 11 јануари 2016, а требаше да трае 20 години. Месечната кирија која требаше да ја плаќа концесионерот изнесуваше 3.500 евра.

„Македонско село“ првпат беше отворено во 2016 година, а менаџментот на комплексот донесе одлука за негово затворање, наведувајќи како причина дека работи со загуба. Објектот беше затворен во октомври 2018 година. Од Владата тогаш му забележаа на Тодоровиќ дека не ги известил за оваа еднострана одлука. Истата година директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, рече дека концесионерот тоа го направил без потребната најава од шест месеци однапред и дека ќе биде активирана банкарската гаранција.

Во моментов сѐ уште не е познато што ќе се прави со објектот, а пред две години Владата извести дека местото би можело да послужи за проект стартап-село, каде што младите од земјава и странство ќе имаат можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци.