Многу тешка година за хотелите, со големи загуби

2022-08-24 16:00

Според резултатите на својата работа македонските хотелиери минатата година посакуваат да ја заборават. Дали се за ова виновни само и исклучиво здравствените ограничувања, пост корона периодот, економската криза, рестрикциите за свадби и веселби? Просекот за лани е неполни три ноќевања на еден гостин, а 36% од сите ноќевања се направени само во август.

Каква е состојбата во хотелиерската услужна индустрија повеќе од јасно отсликува фактот што четири од девет најголеми компании лани успеале да остварат профити, а кај три од нив профитите се од 1 до 4 отсто од приходите. Толку за бизнис-климата за нашите најголеми хотели во минатата година.

И уште еден силен аргумент за „сликање на контекстот“ односно бизнис климата во македонското хотелиерство лани. Компанијата што оперира со најмногу хотели „Македонијатурист“ лани заврши со добивка која е резултат на само и исклучиво приходи од нејзините финансиски вложувања во акции, удели на фондови и банкарски депозити

Статистички гледано, Македонија лани имала просечна туристичка година во која хотелите во земјава примиле 702.500 гости кои оствариле вкупно 2,3 милиони ноќевања што значи дека секој турист остварил просечно неполни 3 ноќевања.

Најдобар месец за туризам лани бил август кога над 184.000 туристи оствариле повеќе од 820.000 ноќевања и тоа е 36% од сите ноќевања. Најслабо било во април лани кога сите домашни хотели примиле само 19.000 гости кои оствариле 42.000 ноќевања.