Почитувани читатели на ЦеноМетар.мк

Екипата на ЦеноМетар.мк беше овој викенд на терен и особено сме револтирани од следниот заклучок:

Во наредниот период, покрај тоа што традиционалниот македонски ајвар, ќе биде луксуз, за жал и кашкавалот постанува луксуз.

Имено, во обиколката која ја направи екипата на веб-сервисот ЦеноМетар.мк , ние едноставно не пронајдовме кашкавал кој е под 500 денари по килограм.

Цените на најефтиниот кашкавал се движат од 520 денари па се до 800 или 900 денари килограм.

Тука сакаме да напоменеме, дека не ги земаме во предвид ајдамерот и гаудата, бидејќи не потпаѓаат под групата на наши кашкавали и ги сметаме за индустриска гума.

Каков е стандардот на македонскиот граѓанин, кога со својата просечна дневница може да купи килограм кашкавал?

На што се должи овој пораст на цената, нас искрено, не ни е јасно, но според нашите статистички анализи и податоци, во последната година кашкавалот е поскапен за околу 40%. Како кравјиот, така и овчиот и мешаниот.

Дали и кашкавалот ни постанува луксуз, до кога ќе трае оваа неоправдана инфлаторна спирала и дали се повеќе ќе се стега ременот оваа зима останува да видиме. Но очигледно, слабата домашна продукција и военото профитерство на најголемите маркети си го прават своето. А државата, за жал, со сите служби и илјадници џаболебари вработени во нив, немо посматра и молчи на фактот дека и она што порано ни беше многу достапно, како кашкавалот на пример, сега ни станува луксуз…