Минатата година во земјава се родиле најмалку бебиња во независна Македонија. Во последната деценија бројот на новороденчиња се намалил за 4.122, или сликовито, тоа е за околу 137 школски паралелки помалку. И додека државите од соседството со белата чума се борат со повеќе пари, помошта што ја добиваат родителите во земјава е незначителна, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Половина бебешка количка или адаптирано млеко за месец и половина. Толку може да се купи со 5.000 денари што државата еднократно ги дава за првородено дете. Парична помош даваат и некои општини, во висина од неколку илјади денари, во зависност од тоа колку е богата општината. Родителите може да користат и други пакети помош од државата, како минимална помош, детски додаток, пари за градинка и школо, но за да ги добијат тие пари треба да немаат ништо, односно да се со ниски примања или да се невработени, а не треба да имаат ниту имот на свое име. Пет илјади денари е понижување, вели Мирослава Симоновска, која е тазе мајка.

Доколку нема мајчино млеко, адаптираното млеко за бебе чини од 1.100 до 1.400 денари за кутија која е доволна за една недела. Најмалку 1.000 денари се потребни за основна облека за бебето, со која ќе излезе од болница. По 1.000 денари чинат и витамините за развој на коските на новороденчето. А потребни се и шишиња, цуцли, тропалки, релаксатори, за што новите родители треба да одвојат и по неколку илјади денари.

„Бебе е многу скап спорт. Еднократниот надоместок што го обезбедува социјалното е мизерен, колку да не е без ич, и за него се чека и треба да се доставуваат документи. Јас кога поднесував документи одев со бебе, во подрачната единица во Карпош, која е една руинирана барака. Не знам што треба да демонстрираат тие 5000 денари, дали помош од државата, бидејќи тоа е понижување, не претставува помош. Тоа е само мерка да им се затнат устите на новите мајки за да не кажат дека државата воопшто не се грижи за нив“, вели Симоновска.

Мајките се жалат и на тоа што со месеци им доцнат парите за породилно отсуство. Требаат пари за пелени, храна, витамини, гардероба, лекови, а ние се молиме за нешто што ни следува, вели Ивана Рамаданова, мајка на четиримесечно бебе.

„Парите за породилното секој месец ми стигаат на различен датум. За јуни месец ми стигнаа на 5 август со изговори дека бил празник. Сметам дека овие пари кои се планирани и одвоени од Буџетот треба да се пуштаат на сите родилки во ист ден. Има мајки кои се самохрани и зависат од овие пари, а мајчинството и гледање бебе не е воопшто наивна и евтина работа“, вели Рамаданова.

Таа доцна дознала дека државата дава по 5.000 денари за првородено бебе и не можела да аплицира, оти како што вели, никој ниту известува, ниту насочува како треба да се пријавиш за да ги земеш тие пари.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека Фондот не е работодавач и нема обврска да ги исплаќа парите на ист датум секој месец. Индивидуалното исплаќање зависи од тоа кога е поднесена документацијата и дали е комплетна, од усогласувањете на платите кај работодавачот и секако од обработката на податоците. Во зависност од тоа како се обработуваат податоците, така се исплаќаат парите.

„Суштинско е да се има поднесено навремена и комплетна документација. Самиот процес на проверка и обработка на податоците не е ни малку едноставен и затоа понекогаш изискува повеќе време“, ни одговорија од ФЗОМ.

За август, кој се уште не е завршен, се исплатени 212 милиони денари, односно 3,5 милиони евра за породилно отсуство, велат од Фондот за РСЕ.

Прочитајте ја целата сторија на Радио Слободна Европа.