Хотелот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица во Охрид е единствениот во земјава кој нуди инклузивен туризам. Половина од вработените се лица со инвалидитет, а работен јазик им е знаковниот јазик. Инклузивноста во туризмот не ја претставува само пристапната рампа, туку комплетна хотелската услуга, за лицата со инвалидитет да се почувствуваат еднакви.

Хотелот „Далјан“ во Охрид, во сопственост на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија е мост помеѓу светот на звуците и тишината. Половина од вработените се глуви лица, распоредени на нетипични позиции за лица со ваков инвалидитет. Ги има готвачи, хаусмајстори, градинари и собарки.

Тие се единственото место во земјава,кои нудат инклузивна услуга за лицата со попреченост и каде за комуникација целиот персонал го користи знаковниот јазик.

„Од четворица вработени во кујната тројца се глуви лица, хаусмајсторот е глуво лице, исто така и собарката. Целиот хотел е приспособен на таа попреченост да во процесот на работење не претставува никаков проблем нивната глувост. И нешто што е многу специфично за нашиот хотел е тоа што работен јазик на којшто сите зборуваме ни е знаковниот јазик“, Славица Стефаноска, директорка на хотелот.

Инклузивноста во туризмот не ја претставува само пристапната патека, туку комплетна хотелската услуга, за лицата со инвалидитет да се почувствуваат еднакви. А воедно клучна е и работната интеграција на инвалидизираните лица.

„Персоналот да биде обучен да даде една инклузивна услуга за секоја попреченост посебно. Има една угостителска услуга на пример послужување на ручек за гостин со глувост, за слеп гостин или за гостин со телесна попреченост. Тоа се многу различни работи“, додава Стефаноска.

Одморалиштето функционира како самоодржливо социјално претпријатие во сопственост на невладина инвалидска организација. Најчести гости скоро 80 отсто, се глуви лица, понатаму слепи и лица со телесен инвалидитет, кои тука се чувствуваат еднакви со сите. Земјава мора да работи на подигнување на општествената свест и интеграција на лицата со попреченост.

Соња Рилковска