Војната во Украина влезе во седмиот месец, а Северна Кореја покажала интерес за испраќање на свои градежни работници на окупираните територии на истокот за да помогнат во обновата.

Идејата отворено ја поддржуваат и високите руски функционери и дипломати, кои се свесни дека евтина и вредна работна сила би можела да биде фрлена во најтешките услови, како што кажа рускиот амбасадор во Северна Кореја во едно неодамнешно интервју.

Севернокорејскиот амбасадор во Москва неодамна се сретна со претставници на двата сепаратистички региона во источна Украина и изрази оптимизам за соработка на полето на миграцијата на физички работници. Овие разговори се случија откако во јули, Северна Кореја стана само трета држава, по Русија и Сирија, која ја призна независноста на народните републики Доњецк и Луганск.

Многумина се сомневаат дека Северна Кореја ќе испрати свои работници во Донбас додека војната сè уште трае. Сепак, Северна Кореја смета дека ова е начин за поттикнување на сопствената економија, која е тешко погодена од западните санкции, пандемијата и долгогодишното лошо управување. Извозот на работната сила ќе придонесе и за стратегијата за зајакнување на соработката со Русија и Кина.

Рускиот вицепремиер Марат Хуснулин изјави дека севернокорејските градежни компании веќе понудиле помош за обнова на уништените области во Донбас и дека севернокорејските работници ќе бидат добредојдени.