Економските резултати од оваа влада се поразителни. Македонија продолжува да тоне, народот да осиромашува, стандардот стрмоглаво да паѓа, а стопаството да пропаѓа, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека индустриското производство во месец јули е намалено за 5% во споредба со лани, која сама по себе беше една од најлошите години во економијата.

– Дополнително заклучно со истиот месец јули измерена е стапка на инфлација од 16%, што е двојно над просечната европска стапка, но и стапките на инфлации од сите земји во регионот. Едноставно цените во Македонија растат најзабрзано во цела Европа. Затоа во Македонија околу половина милион жители се под прагот на сиромаштијата, а околу 35% се во ризик од сиромаштија, потенцираат тие.

Во соопштението се додава дека покачените цени за основните животни продукти за 50 до 100 % само ќе ги влошат состојбите.

– Дополнителен проблем за целокупната економија е големиот раст на цената на електичната енергија, која нашите стопанственици ја плаќаат најскапо од целиот регион. Затоа секој ден слушаме за најави за затворање на компании, рудници и помали бизниси. Едноставно владата на Ковачевски ги остави на цедило граѓаните и компаниите а приоритет стави на криминалот и личното богатење, нагласуваат од партијата.

Истакнуваат дека заради неспособноста и криминалот на владата предводена од антимакедонската СДС Македонија во вториот квартал од 2022 година има двојно, па и тројно понизок раст на БДП од сите земји во регионот.

– Оправдувањата од типот „криза е“ не држат, затоа што ова е криза за сите, исто како и ковид и енергетската криза претходно. Разликата е во тоа што другите земји имаат влади кои се грижат за своите граѓани, а Македонија има мафија на власт која го краде својот народ. За ова профитерство, криминал и богатење на грбот на народот мора да има одговорност, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.