По двегодишна пауза, оваа есен се враќаат семинарскиот и конгресен туризам. И Охрид и Струга заеднички мора да работат на развлекување на туристичката сезона. Мора да се размислува за дополнителни манифестации во септември, за привлекување на што поголем број туристи

Заврши летната сезона, но хотелските капацитети на брегот на Охридското Езеро очекуваат солидна исполнетост и во септември. По двегодишна пауза се враќаат семинарскиот и конгресен туризам.

Од хотелската асоцијација велат и покрај поскапувањето, после укинувањето на рестриктивните мерки во пандемијата, закажани се поголеми семинари, конференции и конгреси.

„Има најавени семинари, поголеми конгреси кои минативе години не беа направени од причини што немаше доволно простор за собири со почитување на мерки од типот растојание итн. Се надевам дека короната нема да земе некој поголем замав, од есента ќе спласне самиот вирус“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Според туристичките работници мора да се работи на развлекување на туристичката сезона. Најголемиот број културни настани, концерти и збиднувања се стационирани и се случуваат во периодот околу први август. Недостигаат манифестации во септември, за привлекување на што поголем број туристи.

„Треба да се отпочне од почетокот 15 – 20 јуни и да имаме манифестации се до 15-20 септември. И спортски манифестации и Охрид Колинг и други настани и манифестации. Треба да има три-четири настани што ќе придонесат за привлекување на разни типови на гости со разни вкусови“, вели Блажески.

Поради енергетската криза и бранот поскапувања голем дел од хотелските објекти и оваа зима ќе стават клуч на врата, а ќе отворат во април следната година.

Соња Рилковска