Финска има намера да им понуди на компаниите 10 милијарди евра, а Шведска 250 милијарди шведски круни (околу 23 милијарди евра) гаранции.

Финска и Шведска објавија дека обезбедиле десетици милијарди евра гаранции за да им обезбедат ликвидност на електроенергетските компании во период на силен раст на цените на пазарите на електрична енергија. Финска има намера да им понуди на компаниите 10 милијарди евра, а Шведска 250 милијарди шведски круни (околу 23 милијарди евра) гаранции.

„Ситуацијата ги има сите елементи на Lehman Brothers во енергетската индустрија“, рече во неделата финскиот министер за економија Мика Линтила. Американската инвестициска банка Lehman Brothers беше четврта во тој сегмент во САД, а во септември 2008 година поднесе барање за банкрот со повеќе од 600 милијарди долари долг среде најголемата финансиска криза од берзанскиот крах  во 1930-тите.

„Програмата на Владата е последната опција за финансирање на компаниите на кои инаку би им се заканувала несолвентност“, рече финската премиерка Сана Марин на прес-конференција. Финската државна енергетска компанија Fortum  минатата недела ги повика нордиските регулатори да преземат итни мерки за да се спречи бранот банкротства во енергетскиот сектор.

Компанијата сега е задоволна  од предлозите на Хелсинки и Стокхолм. „Ние сме благодарни на финската и шведската влада што дејствуваа брзо за да го стабилизираат нордискиот енергетски пазар и да ги поддржат нордиските енергетски компании во криза“, објави компанијата на Твитер.

„Од клучно значење е компаниите да можат да продолжат да работат. Ние ги продолжуваме разговорите со финската влада“, додадоа тие. Владините гаранции треба да им обезбедат на компаниите доволно пари за се’ поголемите депозити што мора да ги имаат на нивната сметка на берзата Nasdaq Commodities за да можат да купуваат струја.

Нивниот колапс може да се прошири и на финансискиот сектор, објаснија Хелсинки и Стокхолм. Цените на струјата во терминските договори  на европските пазари нагло пораснаа поради намалените испораки на руски гас, па компаниите натрупуваат загуби на своите сметки на берзата и се принудени да платат уште поголем депозит.

Пропишаниот депозит на клирингот Nasdaq неодамна достигна 180 милијарди шведски круни (околу 17 милијарди евра), во споредба со околу 25 милијарди во нормални услови, поради 11 пати повисоките цени на електричната енергија.

Nasdaq clearing  е шведска компанија која е под надзор на шведските власти, па Шведска прва се вклучи во спречување на потенцијална криза. Финскиот премиер рече дека се потребни мерки на ниво на Европската унија за стабилизирање на фјучерс пазарите и енергетскиот пазар во целина.

Шведскиот министер за финансии Микаел Дамберг во неделата изјави дека гаранциите во Шведска ќе останат во сила до март следната година и ќе ги опфатат сите нордиски и балтички земји, но само во следните две недели. Без државни гаранции, производителите на електрична енергија во понеделник би можеле да завршат во „технички банкрот“, предупреди Дамберг.