„Храбро креираме нов модел за субвенционирање кој ќе го претставиме на земјоделците“. Со овие зборови министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во повеќе наврати го најавува новиот модел за субвенционирање на земјоделците.

Но, што всушност претставува истиот?

Наједноставно кажано е дека парите во буџетот не се менуваат, само ќе се распоредат во повеќе сектори.

Или пак, премин од еден систем во кој субвенциите беа исплаќани по површина на земјоделските стопанства, па фармерите сега истата поддршка ќе ја добиваат како основна субвенција за тоа што ја обработуваат земјата. Додека пак, другиот дел од субвенциите Николовски вели дека го врзуваат со производството. Односно работниците да докажат дека имаат производство кое е дадено или предадено, исклучиво на регистрирани преработувачки капацитети, трговци или купувачи и секако притоа да остварат приход.

„Програматa за рурален развој прераснува во инвестициска програма за поддршка, со посебен акцент на малите производители и на регистрираните земјоделци. Воведуваме нова мерка за поддршка на бизниси идеи во следните 5 години. Се помагаат помалите фармери чија основна дејност е земјоделтвото, за инвестиции и проширување на производствтото, или почнување фабрики за расад. Овој повик ќе е отворен цела година и ќе трае до исрпување на средствата. Наместо ние да одредуваме за што ќе се дава поддршка земјоделецот ќе може сам да подготви план и да аплицира за набавка на трактор, силос, систем за наводнување или др инвестиција“ истакна министерот Николовски.

На новиот концепт се работело шест месеци, соопшти Николовски, а истиот бил презентиран пред Агро Советот.

Она што следува е презентација пред подсекторските групи, како и теренски средби со земјоделците, а до крајот на годината, вели Николовски, да се утврди овој модел, кој го опиша како долгорочен.