По низата реакции од граѓаните за поклопување на неколку дена во фактурата за јули и август од ЕВН, со порака да се чита задната страна на сметките каде што бил наведен точниот датум за пресметаната потрошувачка на струја. Како што велат од компанијата датумот на предната страна е отчитувачкиот период во кој припаѓа корисникот. Оттаму ги уверуваат граѓаните дека двојни наплати не се прават.

-Датумите на предната страна на фактурата се всушност датуми на отчитувачката недела на корисникот. На задната страна на фактурата, веднаш до ставката „Податоци од броило“ корисниците може да ги најдат точните датуми за кои им е пресметана потрошувачката на електрична енергија. Овие датуми никогаш не се поклопуваат со денови од претходниот месец и со тоа се подразбира дека не постои ни најмала можност да се соочуваат со двојно плаќање, велат од ЕВН.

Иако ЕВН објаснува дека граѓаните треба да го гледаат пресметковниот период на втората страна од фактурата во делот на детални информации од Организацијата напомнуваат дека пресметковниот период треба да е идентичен, односно да не се доведуваат во заблуда со различно претставени пресметковни периоди во една фактура.

-Голем дел од реакциите на граѓаните во врска со сметките за струја се однесуваат токму на пресметковниот период. Така, на пример, добиваат една фактура за период од 25.6.2022 до 29.7.2022 година, а другата фактура му е за период од 26.7.2022 до 29.8.2022 година. Тие забележале дека тие два-три дена кои се поклопуваат во фактурата за јули и за август и двапати им се наплаќаат, изјави за весникот ВЕЧЕР претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова.

Во зависност од висината на сметката ,таа сума може да биде од 300 до 1.000 денари. Така на пример за сметка од 3.000 денари тоа е 300 денари, за сметка од 4.000 денари граѓаните плаќаат 400 денари повеќе… Од ОПМ се надеваат дека ЕВН ова ќе го исправи уште во наредните фактури.

И од Регулаторната комисија за енергетика велат дека потрошувачите треба да знаат дека плаќаат само за она што го потрошиле. Оттаму додаваат дека кражбите на електрична енергија нема да се признаваат во крајната цена на потрошувачите и тие се на товар директно на Електродистрибуција.

Од ОПМ и од РКЕ им советуваат на граѓаните да ги читаат броилата. Доколку некој потрошувач има добиено сметка која има отстапување од реалната состојба, може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата во ЕВН кој е должен веднаш да издаде нова коригирана сметка со реална состојба. Ако ЕВН не го направи тоа, потрошувачите можат да достават приговор до Регулаторната комисија за енергетика.