Споредбено со поранешните републики од Југославија, цената на мрежарината во висока тарифа во Македонија е повисока за 5,5 отсто од Хрватска, 25 отсто од БиХ, 51 отсто од Словенија и 65 отсто поголема од Србија. За ниската тарифа, цената на мрежарината во Македонија е повисока за 96 % од мрежарината во Словенија, повисока за 141 % од истата во Хрватска, 151 % поголема од БиХ и за 534 % поголема од мрежарината во Србија, пишува во споредбената анализа Дејан Трајковски, професор Техничкиот факултет во Битола.

Неодамнешната разделеност на цената на мрежарината од цената на електрична енергија беше повод за направената анализа на мрежарината во неколку земји од регионот кои имаат минимум ист или повисок стандард од македонските граѓани.

Во прилог табелата, цени, изразени во денари, на мрежарината на мали потрошувачи, за пренос и дистрибуција во Хрватска, Словенија, БиХ, Македонија и Србија.

Воочливо е дека во некои земји поред двотарифниот модел има и еднотарифен модел со еднотарифна цена за мрежарина. Според еднотарифниот модел, нашата двотарифна мрежарина, е поскапа од хрватскиот еднотарифен модел за речиси 33%, повисок од слвоенечкиот за 64%, поскап од српскиот еднотарифен модел за 534%, се вели во анализата на Трајковски.

Во делот на двотарифниот модел, лесно се забележува дека Македонија има најскапа мрежарина од сите наведени држави иако нашите граѓани имаат најслаб стандард. Во Македонија, цената на мрежарина е иста за висока и ниска тарифа додека кај сите споредбени држави цената на мрежарина е различна за висока тарифа, висока цена и ниска тарифа, ниска цена. Цената на мрежарината во висока тарифа кај нас е повисока за 5,5% од Хрватска, 25% од БиХ, 51% од Словенија и 65% поголема од Србија.

Во Словенија и Србија се пресметува и според пресметковната (активната) моќност. Ова значи дека ако макар и за кратко време вклучите голем потрошувач тоа ќе се одрази на цената и за краткво време и за мала потрошена енергија. Сепак овој тип мрежарина е релативно ценовно мала од вкупната мрежарина што се наплаќа.

Во Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија има фиксна мрежарина која е 55,2, 74,6 и 95,3 денари од потрошувач. Но затоа пак ние плаќаме фиксни 184 денари месечно за улично осветлување, ставка која ја нема во овие држави. Кај нас се плаќа фиксна ставка која е најголема споредбено со другите наши соседи.

Од сите други наведени соседи каде што дистрибутивниот електричен систем е во државни раце, само македонскиот дистрибутивен систем е во приватни раце. „Еве го резултатот на ‘бонбона бизнисoт’ на Шеќериснка која агитираше за продажба на ЕСМ заради неплаќање на сметките кои и до ден денес не се плаќаат, а имаме и наjголема мрежанира во регионот и покрај тоа што нашите плати се најслаби. Ова е уште една потрвда за катастрофалната лоша приватизација на овоа стратешко претпријатие. Како е можно во Словенија со 4 пати поголем БДП да се плаќа од 51 до 100 отсто помала мрежарина од нас? Како Регулаторната комисија за енергетика дозволила ваква голема мрежарина? Толку ли се големи трошоците на нашиот приватен снабдувач на струја во споредба со другите земји? РКЕ неодамна соопшти дека снабдувачот, а не народот плаќал за сите кражби на електрична енергија. Но, од што плаќа снабдувачот на електрична енергија? Пак наплаќа од граѓаните кои покрај сметка за струја, улично осветлување имаат и енормно скапа мрежарина, товарот на загубите од кражби на електрична енергија повторно се пренесува на граѓаните. Тоа е таа сметководствената гимастика каде крајниот резултат е граѓанинот да плаќа за сѐ“, вели професорот Трајковски во својата споредбена анализа.