Кој е гарант на мистериозните микрокомпании што доставуваат јаглен вреден милиони евра?

Две новоформирани микрокомпании од Скопје, веќе трет месец учествуваат во спасувањето на Македонија од последиците на светската енергетска криза преку милионски договори склучени со државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за увоз на јаглен за РЕК Битола. Тие се вклучени во планот на државата да го зголеми домашното производство на струја за 20 отсто, пишува „Призма“.

„Кога станува збор за набавките на јаглен и на други енергенси, претставници на ЕСМ не пропуштаат енергично да нагласат дека „компанијата спроведува транспарентни постапки, иако не е законски обврзана на тоа“, имено Законот за јавни набавки го иззема ЕСМ од обврската јавно да ги објавува огласите и одбраните компании. Меѓутоа, ЕСМ истовремено е имател на информации од јавен карактер и како таков подлежи на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Сепак, транспарентноста со која се гордее компанијата најголем огласувач ја снемува кога договорите за увозот треба да се објават или да се овозможи увид во нив, како податоци од јавен карактер“, пишува „Призма“.

Медиумот, на 11 август, повикувајќи се на Законот за пристап до информации, доставил барања до државната компанија, за увид во договорите склучени со компаниите Енергија Икс и Куантум Солушнс, кои, заедно со албанската фирма Хај Тауерс, беа избрани на јавниот повик на ЕСМ за набавка на јаглен за комбинатот во Битола, распишан на 31 март, а затворен на 13 јуни. Законскиот рок за да се одговори барањето истекол на 31 август, одговор до редакцијата сè уште нема. ЕСМ, ниту го одбила, ниту дала какво било образложение зошто договорите не се достапни.

Од 550-те илјади тони, колку што треба да се достават со оваа набавка, 100 илјади треба да испорача Куантум Солушнс за речиси 6,3 милиони евра, 50 илјади Енергија Икс за околу 3,2 милиони евра, а остатокот е обврска на албанската фирма.

Станува збор за две микрокомпании, кои, како што објави „Призма“, се формирани откако беше распишан тендерот. Немаат никакви податоци за контакт, ниту имаат канцеларии на двете скопски адреси што ги навеле како седишта. Во двете се јавува ист косопственик – тетовецот Аљибер Ибраими. Ниту тој, ниту другите што се или беа вклучени во сопственичката структура не се познати во енергетската дејност.

Додека договорите се кријат, во мистериозните компании се менува сопствеништвото …

Целиот текст прочитајте го ТУКА.