Скопјани можат да бидат мирни, оние кои се греат на парно, зимава нема да смрзнат. „Макпетрол“ ги има обезбедено потребните количини на гас за производство на топлинска енергија дознава Фактор.мк. 

Според сознанијата на Фактор.мк. , ЕСМ веќе се обратиле за набавка на гас до компанијата. За таа цел „Макпетрол“ веќе испратил и профактура до ЕСМ, која за обезбедувањето на средствата треба да расправа на денешната седница.

Владата од секаде каде што мисли дека може да успее – бара струја и гас, а според владините најави, наредна врата каде што планираат да тропнат македонските функционери, е Турција. Ова следува откако претходно владина свита патуваше за Србија, Бугарија и за Грција, со цел да се обезбедат потребните количини енергенси за претстојната зима, односно да се најде поевтина електрична енергија за слободниот пазар, но и потребните количини гас за производство на топлинска енергија.

Фактор веќе објави дек министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани и на НЕР, Бајрам Реџепи, до крајот на неделава ќе отпатуваат за Истанбул, на преговори со Боташ, државна компанија за пренос на гас, за да се обезбедат одредени количиини од овој енергенс по поволна цена.