На социјалните мрежи граѓаните панично споделуваат фотографии од цените на млечните производи. Производите стануваат сè понедостапни за македонските плати објави Слободен печат. 

Во продавниците има големо шаренило од цените, но може да се забележи дека откако во трговијата се појавија цени од повеќе од 700 денари за килограм кравји кашкавал и приближно 500 денари за кравјо сирење, што беа масовно споделувани во јавноста, во дел од маркетите, тие преку ноќ почнаа и да се коригираат, па вчера осамнаа и пониски цени: кравјото сирење чини 400 денари, а кравјиот кашкавал од одредени производители може да се купи за околу 550 денари.

Економистите се децидни – нивото на цените се формира во корелација со куповната моќ. Или поинаку кажано, компаниите мора да ги намалат своите трошоци и профити за да има кому да продаваат. Секако, и тоа има граница – сè до исплатливоста на компаниите.

Според Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, цените на млечните производи се резултат на сегашниот недостиг на сурово млеко, но и на растот на трошоците за производство.

„Предизвиците во македонската млечна индустрија не се ништо ново. Ако се потсетиме на 2011-та и 2016 година, ќе видиме дека темите биле исти. Во тековниот период производството на сурово млеко е намалено првенствено поради сушата и поскапувањата на добиточната храна од чиј увоз сме традиционално зависни. Сепак, може да се каже дека не станува збор за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувањa“, велат од Групацијата.

Фактот дека сме увозно зависни и дека во околните земји има недостиг на млечни производи, а и цените главно се повисоки, не влева многу оптимизам.

„Слободен печат“ ги разгледа онлајн понудите во Србија. Пребарувањето на страниците на повеќе онлајн продавници покажа дека нема понуда на класичен кашкавал и на сирења. Наидовме на актуелна понуда на тврдо сирење „Гауда Паладин“, што го има и кај нас, но во Србија со значително повисока цена, односно се продава по наши 1.000 денари за килограм.

Целиот текст можете да го прочитате тука.