Саем на македонска традиционална храна во Битола

2022-09-28 10:00

Во Битола денеска ќе се одржи третата по ред манифестација „Незаменливиот вкус на традицијата“, организирана од Зелена берза, а финансирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Саемот на македонска традиционална храна има за цел да ја промовира македонска храна и на едно место да ги собере производителите, преработувачите и иноваторите на нови вкусови на храна од сите страни на државата.

Како што соопштија од Зелена берза, целта е преку оваа манифестација да се поттикне и поинтензивниот развој на органското земјоделство, но и одржување на бројот на жители во руралните средини и позабрзан развој на селата.

– Со овој настан истовреме сме промотор на органското производство, како и пласманот на нашите земјоделски производи на домашните и странските пазари. Во последниве години забележлив е трендот и зголеменото органско производство кое е координирано со финансиската поддршка од страна на Владата, токму поради големите природни потенцијали за развој на органско производство во нашата земја, соопштија од Зелена берза.