Германскиот производител на пиво „Радебергер“ објави дека поради драматично зголемување на трошоците ќе ја затвори фабриката во Франкфурт.

„ Најдоцна до октомври 2023 година Групацијата ‘Радебергер’ ќе ги прекине активностите за производство и флаширање на локацијата во Франкфурт, т.е. во пиварницата ‘Биндинг’ и постепено ќе ги префрли марките и количините произведени и флаширани таму на сестринските локации“, објавија од фабриката.

Околу 150 работници би требало да останат без работа, а од компанијата нагласуваат дека „секаде каде што е можно, бараат општествено прифатливи решенија“, како хонорарна работа за постари работници и работа во други погони.

Седиштето на Групацијата „Радебергер“ останува во Франкфурт. Поради драстичното зголемување на цените на суровините, енергенсите и логистиката, групацијата веќе ги зголеми цените на пивото, но тоа долгорочно не ги реши проблемите, потенцираат оттаму.

„ Со оглед на сегашните кризи, огромниот товар со кој се соочуваат германските производители на пиво и, последно, но не и најмалку важно, драматичната експлозија на трошоците со која ние како индустрија треба да се справиме, ситуацијата за жал стана неодржлива“, рече портпаролот Гидо Мокел.