Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ денеска ја организираше конференцијата „Промовирање на конструктивен капитал во Северна Македонија“ во хотел Хилтон во Скопје, која претставува завршен настан на проектот Адресирање на корозивниот капитал во Северна Македонија, поддржан од Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE).

Настанот го отворија Ивана Најдоска, програмски директор во Институт за демократија, Џон Кај, програмски офицер за Европа и Евроазија во Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE) и Јарек Бус, економски директор во Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Најдоска рече дека воспоставувањето на Механизмот на странските директни инвестиции е од големо значење, особено сега кога се случува војна на европскиот континент, кога на сила се санкции на западните земји, ЕУ вклучително и С. Македонија, кон Русија.

„Сепак уште поважно е како тој ќе се имплементира бидејќи од инструмент за заштита на стандардите на македонскиот пазар може лесно да стане инструмент за корупција“, истакна таа.

Говорејќи за корозивниот и конструктивниот капитал, Кај потенцираше дека корозивниот капитал се инвестиции на кои што им недостасува транспарентност, отчетност и добро владеење и има ефект на подривање на владеење на правото во земјата.

„Македонската географија и политичка положба може да претставуваат вистинска можност да се привлечат конструктивни инвестиции во економијата“, смета тој.

Според Бус, инвестицискиот скрининг е преземање одговорност за иднината и кога тој ќе се имплементира успешно, ќе покаже одлучност за приоретизирање на долгорочниот просперитет наместо краткорочната удобност, а истовремено преставува знак за политичка зрелост и одговорно владеење.

„Тоа го очекуваат граѓаните на Северна Македонија и тоа го заслужуваат. Тие сакаат нулта толеранција на корупција и крај на полтронството на политичките партии. Прогресот е долг пат. Иако не постои единствено магично решение, сакам да потенцирам дека институциите се од клучна важност. Силни и независни институции ќе бидат отпорни на оние кои што сакаат да го злоупотребат системот. Борбата против корупција почнува со посветеност од горе надолу и со нулта толеранција за злоупотребување на системот“, нагласи Бус.

На конференцијата се обрати и Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции, кој истакна дека треба да ги спроведеме сите реформи кои следат откако ги започнавме преговорите со ЕУ, но и дека нив треба да ги следи промена на навиките и свеста на сите во општеството.

„На оваа конференција отворате теми кои што ќе значат промена на нашата свесност. Темите на публикациите кои што се промовираат денеска, ги допираат регулативите со кои Северна Македонија ќе мора да се усогласи во претстојниот период. Војната во Украина го насочи фокусот на Унијата кон политики со кои треба обезбеди безбедно и непречено функционирање на економијата и тука Механизмот за скрининг на странските директни инвестиции е од особено значење. Оваа регулатива исто така е дел од стратешкиот дијалог со САД и владата е спремна тоа да го направи“, рече Битиќи.

Конференцијата продолжи со панел дискусијата на тема „Механизмот за проверка на странски директни инвестиции во Северна Македонија – Зошто и како?“ на кој се обратија економистот Зоран Јовановски, директорот на Костал Македонија Виктор Мизо како и Државниот советник за европски политики и координација при СЕП и надворешен соработник во ИДСЦС Драган Тилев.

На темата „Демократија што испорачува: Промовирање на конструктивен капитал во југоисточна Еверопа“ дискутираа Вања Петрова од Центарот за демократски студии од Бугарија, Ели Жабевска директорка на Фондот „South Central Ventures“ и Дарко Арсов, проектен менаџер на „Crimson Capital Corporation“.

Последната панел дискусија беше на тема „Замки и предизвици: Како да се интегрираат компаниите во европските синџири на снабдување?“ на која свои видувања дадоа професорката од Економски институт при УКИМ Силвана Мојсовска, советникот во кабинетот на премиерот на С.Македонија, Јоханес Хајдекер, директорот на Царинска управа, Златко Ветеровски, генералниот директор на Ван Хол Македонија Аврам Стојчевски и Марта Наумовска-Грнарова од компанијата Завар Дизајн.

Публикациите кои што беа презентирани на настанот може да ги прочитате на следните линкови: