Државниот долг на Обединетото Кралство минатиот месец го достигна највисокото ниво во речиси 60 години, бидејќи продажбата на мало опадна, нагласувајќи го обемот на економските предизвици со кои се соочува наследникот на премиерката Лиз Трас, која поднесе оставка по неуспехот на нејзиниот финансиски план.

Јавниот долг на Велика Британија се зголеми на 98 отсто од БДП во септември, бидејќи инфлацијата ги зголеми плаќањата на каматите, објави во петокот Канцеларијата за национална статистика, пренесува Бета.

Нивото на долгот е повисоко отколку во 1963 година, кога Велика Британија сè уште ги отплаќаше долговите од Втората светска војна. Продажбата на мало паѓа два последователни месеци и сега е 1,3 отсто под нивото пред пандемијата.

Процесот на избор на трет премиер за помалку од четири месеци започна откако Трас беше принудена да поднесе оставка во четвртокот по неколкунеделни превирања поради нејзините економски планови.

Првата задача на новиот шеф на владата ќе биде да го врати нејзиниот кредибилитет бидејќи одлуката на поранешниот премиер да ги намали даноците за 45 милијарди фунти (50 милијарди евра) без да прецизира како ќе ги надомести, ја поттикна загриженоста за растечкиот национален долг.

Шефот на Министерството за финансии Џереми Хант, кој ја презеде функцијата минатата недела, откажа голем дел од економската програма на поранешната премиерка и вети дека долгот ќе почне да паѓа во наредните години.