Професорката е загрижена и поради трендот на поставување на фотоволтаични панели и вели дека за нив не смеат да се користат површини кои се погодни за одгледување на храна

Во светот, па и кај нас имаме континуирано намалување на земјоделските површини. Делумно тоа се случува поради узурпација на земјоделското земјиште, а делумно и поради тоа што нема кој да го обработува. Но, потребата за храна мора да се задоволи, поради што науката е во постојана потрага на начини до поголеми приноси, а иднината е во примена на „паметно земјоделство“ кое се базира на дигиталните технологии, вели Фиданка Трајкова, професор на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

– Јас им велам на моите студенти, вие го имате најважното занимање. И ИТ – инженери и инфлуенсери, кога ќе станат мора да јадат – рече Трајкова која присуствуваше на медија-работилницата „Вештини за иднина“.

Таа посочи еден пример, за кој вели дека јасно покажува како се намалува обработливото земјиште кај нас.

– Од Струмица до границата со Бугарија едно време имаше засадено ниви. Сега, и од источната и од западната страна, целиот пат е со фирми. А, тоа е квалитетно обработливо земјиште – вели Трајкова.

Професорката е загрижена и поради трендот на поставување на фотоволтаични панели и вели дека за нив не смеат да се користат површини кои се погиодни за одгледување на храна.

– Македонија има плодна почва, има вода и сонце, тоа се нашите благодети и тие не смеат да се остават така неискористени – вели професорката.

Сепак, таа укажува дека дури и без почва може да се одгледува храна и дека тоа е новиот тренд во светот.

– Иднината во светот е во вертикално производство, кое ќе биде во затворен систем, каде што се ќе биде контролирано. Дигитално земјоделство во буквална смисла на зборот не е можно, мора нешто да се насади и собере, но може да има сензори за светлина, за топлина, да има прецизно наводнување. Тоа таканаречено „паметно земјоделие“, објасни професорката Трајкова.

Таа вели дека 9 проценти од светската популација е гладна, но не поради недостиг на храна, туку поради нејзина нерамномерна распределеност. Таа презентираше и официјални податоци според кои во 2001 година во светот имало 48,7 милиони квадратни километри земјоделска површина, а во 2020 година таа изнесувала 47,4 милиони квадратни метри, или 1,3 милиони помалку. Тоа се должи на узурпирањето на површината поради растот на бројот на населението кое во 2000 година било 6,1 милијарди луѓе, а последните податоци покажуваат дека на планетава живеат 7,98 милијарди луѓе.