Македонија забрзано оди кон економски колапс. Светска Банка прогнозира најнизок раст на македонската економија во споредба со земјите од Европа. Единствено полоши прогнози имаат Украина и Русија. Македонската економија е во сериозна опасност да западне во рецесија и со тоа да се загрозат илјадници работни места, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие потенцираат дека дополнително граѓаните во Македонија со власта на Ковачевски се соочуваат со највисока стапка на инфлација во споредба со сите земји од регионот. Стапката на инфлација достигна 18,7%, а основните трошоци за живот се поскапени од 50 до 100%.

– Ваквата стапка е двојно повисока од европскиот просек, што покажува дека инфлацијата не е во целост увезена, туку е предизвикана од неспособноста на оваа власт. Ако на ова се додаде и галопирачкиот раст на долгот, тогаш тоа значи дека државата оди кон банкрот.  За 5 години власт на СДС јавниот долг е зголемен за 2,5 милијарди евра, што значи во просек секоја година долгот се зголемувал повеќе од растот на БДП, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираат дека реализацијата, пак, на капиталните инвестиции на два месеци до крајот на годината едвај има надминато 42%, што покажува дека ништо не се гради, а парите се трошат на непродуктивни трошоци и криминал.

– За година и пол затворени се преку 12 илјади компании, а уште илјадници други се пред ставање клуч на врата, бидејќи плаќаат најскапа струја во споредба со регионот, поради што нивната конкурентност е доведена во прашање. Економските параметри се кои од кои полоши, стои во соопштението.

Нагласуваат дека власта на Ковачевски за да ја закрпи економската катастрофа и да купат некој месец, спремни се да земаат кредити под многу неповолни услови, а за еден таков кредит од 100-тина милиони евра преземаат обврски да ги затворат двата клучни капацитети во енергетиката, РЕК Битола и Осломеј и на тој начин освен што може да останат без работа 4 илјади директно вработени, туку и се загрозува енергетскиот суверенитет на Македонија.

– Енергетскиот суверенитет на Македонија се загрозува и со намерата ХЕЦ Тиквеш да се даде како мираз за изградбата на Чебрен, односно една веќе изградена и исплатена хидроцентрала која евтино произведува струја за домаќинствата да се подари на друг и тој некој друг потоа преку ХЕЦ Тиквеш да го финансира  проектот Чебрен. Ова покажува дека оваа власт е предводена од кусогледи политичари. Впрочем заради нивната кусогледост денес се соочуваме со енергетска криза како ниедна друга земја, без обезбедени енергенси во пресрет на зимата и со половични производствени капацитети, посочуваат тие.

Се потенцира дека  оваа нивна неодговорност скапо ги чини граѓаните. Мора да има промени и мора да има одговорност.