Земјава и годинава повторно ќе биде дел од Глобалната недела на претприемништвото (ГНП) која се одржува од денеска до 20 ноември.
Четирите теми на 15-тото јубилејно издание на ГНП се стекнување претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование, инспирирање на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка, промовирање поголема инклузивност како и квалитетно креирање политики во рамки на соработката помеѓу екосистемот и носителите на одлуки. Дел од фокусот оваа година се младите и младинското претприемништво, како и зелената технологија и одржливите претприемачки потфати.
Во рамки на ГНП предвидени се повеќе од 45 настани со над 100 говорници, а домаќин во земјава е асоцијацијата Стартап Македонија која заедно со бројни партнери и соработници од приватниот и граѓанскиот сектор и високото образование ќе говорат на разни теми поврзани со можностите и предизвиците со кои се соочува екосистемот.