Граѓаните да не стравуваат зашто во континуитет ќе бидат обезбедувани потребните количини топлинска и електрична енергија. Се прават и сите калкулации да нема поскапување на струјата од 1 јануари, а, најверојатно, пониски сметки ќе имаат и малите потрошувачи, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој најави дека во наредните 10 дена се очекува да почне намалување на цените на основните прехранбени производи како резултат на поевтината струја за компаниите. Инспектори на Државниот пазарен инспекторат ќе ги посетат маркетите и ќе проверуваат дали ги намалиле цените.
-Во текот на оваа недела ќе направиме анализа директно и физички во супер маркетите, освен тоа што го правиме преку домашните производители, на дневна база ги добиваме податоцитена цените на увозот на тие прозиводи кои се наведени во одлуката на Царинската управа и во текот на оваа недела ќе ве известиме и во делот на процентот на намалување и на производите кои ги намалиле и компаниите кои тоа го направиле, вели Бектеши.
Тој смирува дека сите подготовки се направени и граѓаните да бидат спокојни, бидејќи во континуитет ќе бидат снабдувани со електрична енергија. Се прават калкулации од 1 јануари да нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, а, најверојатно, би имало и намалување за малите потрошувачи.
Според него, ТЕЦ „Неготино“ ќе работи кога ќе биде исплатливо тоа. Во моментов е поевтино да увеземе струја отколку да работи ТЕЦ „Неготино“
– Веќе е испорачан дополнителниот трансформатор за третиот блок во Битола. Најверојатно, за една недела би требало да биде во Битола, каде што ќе има уште една дополнителна можност за производство на електрична енергија. Ако мислите дека треба да произведуваме електрична енергија со повисока цена, добро, ние ќе го направиме тоа, нема да увеземе, но на таков начин нема да го штитиме буџетот. Ние носиме одлуки и за заштита на буџетот и за граѓаните непречено да бидат снабдувани со електрична енергија, и тоа ќе трае до крајот на грејната сезона, како за електричната така и за топлинската енергија. И граѓаните нема да имаат зголемени сметки од 1 јануари, а компаниите, најверојатно, ќе имаат намалени сметки за електрична енергија – напомена Бектеши.
И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, рече дека ќе се залага да нема поскапување на електричната енергија по Нова година.
– Прво, треба да направиме анализи, да видиме како се обезбедуваат потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата на регулираниот пазар и како е планот догодина да бидат обезбедени. Кога имаше потреба да се зголеми цената на електричната енергија поради надворешни влијанија, пред сè поради зголемената цена на увоз, РКЕ ја зголемуваше цената на електричната енергија, но сега треба малку да застанеме, да направиме анализи што се случило во 2022, што е планот за 2023, а потоа да се носат соодветни одлуки. Она што е особено битно сега е да го видиме влијанието на воведувањето на блок- тарифите кај домаќинствата. Верувам дека голем број домаќинства инвестираа и во енергетската ефикасност и ќе имаат помала потрошувачка на електрична енергија, и таа намалена потрошувачка ќе му обезбеди и на ЕСМ да има вишоци, кои ќе ги продава на слободниот пазар по повисоки цени. Па така, доколку остварувал минуси на регулираниот пазар, со тоа што би го продавал на слободниот пазар, би си ги покрил тие минуси. Затоа велам, треба да се направат анализи и да видиме каде ќе тераме – изјави Бислимоски.
РКЕ располага со листа на компании што одлучиле да преминат од регулираниот на отворениот пазар, а дали го сториле тоа согласно со законот, ќе утврдат надлежните институции – Управата за јавни приходи (УЈП) и Финансиската полиција.
Според Бектеши, тие што ги исполнуваат условите, имаат право да останат и на регулираниот и на либерализираниот пазар.