Студентите се иднината и основата на секое општество. 17 ноември е денот кога светот се потсетува на минати настани во кои студентите ја покажале својата сила, заедништво и одговорност и го одбележува како Меѓународен ден на студентите. Но, и како потсетник дека иднината на младите никој нема право да ја загрозува.

Препознавајќи и почитувајќи ги младите како носечка сила за просперитет и развој, Комерцијална банка активно ги поддржува и како работодавач и како општествено одговорна компанија, која им помага на студентите во остварувањето на нивните амбиции и професионални определби.

Комерцијална банка е особено горда на својата стипендистка Елена Ставревска, која е студент на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје и која Банката финансиски ја поддржува во текот на високото образование.

Елена е силно ориентирана кон остварување на својата мисија да биде успешна деловна жена во областа на сметководството и ревизијата.

“Поддршката за еден студент е од круцијално значење за неговата мотивација и сметам дека дел од мојот постигнат успех се должи токму на поддршката што ја добивам од Комерцијална Банка, не само финансиската, туку и преку разговорите со одделот за човечки ресурси, кој постојано се обидува да ме контактира и да ми даде зрак надеж баш во моментите кога сум мислела дека трудот е залуден. Живеејќи во ваков период на драстични промени и кризни времиња, помошта од каков било вид за секого е добредојдена, а особено за нас, студентите, кои на некој начин сме приморани да зависиме од некого“, вели Елена.

Таа е на трета година од студиите и има просек 9,31. Главно е фокусирана на материјата што ја изучуваат, но истовремено е заинтересирана и за пошироката слика преку истражувања кои сама ги спроведува и преку пракса за време на летниот период. Има изработено финансиски анализи за влијанието на Covid-периодот врз оперативниот процес на одредени компании.

Верува дека поддршката на студентите е силна мотивација за нив. И ние веруваме дека нашата поддршка и посветеноста на Елена ќе ѝ обезбедат успешна и безгрижна иднина.