Вредноста на доларот денеска е блиску до најниското ниво во последните 16 недели во однос на кошницата на главни валути, еврото е стабилно, додека јуанот е на пат на најголемата неделна добивка од 2005 година.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на шесте главни ривали, моментално е намален за 0,1 отсто на 104,55 поени, откако претходно го допре најниското ниво од 29 јуни од 104,36 поени, пренесува Ројтерс.

Индексот на доларот падна за повеќе од 5,0 отсто во ноември поради очекувањата дека Федералните резерви ќе почнат да го забавуваат темпото на зголемување на каматните стапки веќе на состанокот во декември.

Октомвриските податоци за инфлацијата во САД од 6,0 отсто на годишна основа, објавени во четвртокот, ги поддржуваат овие очекувања.

Вниманието на инвеститорите на пазарите на пари денеска е насочено кон очекуваниот извештај за новоотворените работни места во американскиот неземјоделски сектор, за да се оцени како зголемувањето на каматните стапки се одрази на пазарот на труд.

Еврото остана главно рамно во однос на американската валута, тргувајќи се за 1,0527 долари, откако вчера порасна за 1,1 отсто.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард денеска предупреди дека фискалната политика на некои европски земји може да доведе до прекумерна побарувачка, нагласувајќи дека фискалната и монетарната политика треба да работат синхронизирано за одржлив, избалансиран економски раст.

Британската фунта се тргува за 1,2260 долари, што е пад од 0,1 отсто на денот, покажуваат најновите достапни податоци. Фунтата порасна за 1,7 отсто во четвртокот и достигна петмесечен максимум од 1,2311 долари.

Во исто време, кинескиот јуани денеска напредуваше за 0,4 отсто на 7,0294 јуани за долар.

Според Refinitiv records, јуанот е на пат на својот најголем неделен пораст откако Кина ја ревалоризираше националната валута во 2005 година, поттикнати од очекувањата дека кинеската политика за нулта ковид ќе биде укината и дека ФЕД ќе го олесни зголемувањето на основната каматна стапка.

Во однос на јапонскиот јен, доларот падна за 1,0 отсто на 133,98 јени, што е најниско ниво од 16 август.