Експропријацијата на земјиштето за автопатот Кичево-Охрид ќе се реши до крајот на декември, а до крајот на следната година ќе заврши проектот, изјави првиот човек на ЈП „Државни патишта“ на Република Макеоднија, директорот Ејуп Рустеми во емисијата „Економски магазин“ на Тв АлсатМ.

– До крајот на декември ќе ја завршиме експропријацијата на земјиштето и се чини дека и сега имаме вонредни активности, многу зголемени, во изградбата на патот, дека во наредната година ќе имаме вонредни активности, како што се очекува до крајот на годината, 31-ви декември 2023 година, проектот да биде завршен, изјави Рустеми.

Пред само два дена, тој објави дека со дополнителни, над 4 милиони денари ќе се задолжи Јавното претпријатие за државни патишта во следниот период, а средствата ќе се користат за експропријација на земјиште за изградба на автопатот кон Охрид.

Владата на 1 декември донесе одлука со која се дава согласност „за задолжување заради издавање на банкарска гаранција за потребите на постапката за експропријација за изградба на Автопат А2, делница Кичево-Охрид донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта на седницата одржана на 28-ми ноември 2022 година“.

За време на неодамнешната посета на Охрид, премиерот на Република Макеоднија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека автопатот Кичево-Охрид ќе се заврши до јануари 2024 година.

– Овој проект е од важно државно значење, но особено е важен за охридскиот регион, за развој на туризмот и економијата, истакна тој во Охрид.

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во далечната 2014 година. Првично требаше да биде готов во 2018 година, за потоа рокот да се помести до јуни 2021 година, па сега до крај на 2023 година. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата стана двојно повисока.