Инфлацијата во Европската унија и во еврозоната во ноември успори на годишно ниво, но и натаму е двоцифрена, па во ЕУ изнесуваше 11,1 отсто и во еврозоната 10,1 отсто, покажуваат податоците на Евростат објавени денеска, пренесе Н1.

Годишната стапка на инфлација во ЕУ, мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), во ноември изнесуваше 11,1 отсто, забавувајќи го растот откако во октомври достигна 11,5 отсто, покажа извештајот на Евростат. Во ноември минатата година, за споредба, изнесуваше 5,2 отсто.

Во еврозоната годишната стапка на инфлација се намали на 10,1 отсто во ноември, од 10,6 отсто во октомври. Во ноември минатата година, пак, годишната стапка на инфлација во еврозоната изнесуваше 4,9 отсто.

Успорувањето на инфлацијата во ноември во зоната на примена на заедничката валута го одразува забавувањето на растот на цените на енергенсите, кои во ноември беа повисоки за 34,9 отсто во однос на истиот месец лани. Имено, во октомври тие се зголемени за 41,5 отсто на годишно ниво.

Цените на храната, пијалоците и тутунот се повисоки за 13,6 отсто во однос на ланскиот ноември, откако во октомври беа зголемени за 13,1 отсто.

На месечно ниво, потрошувачките цени во ноември се повисоки за 0,1 отсто на ниво на Унијата, додека за ист процент се намалени во еврозоната, покажуваат табелите на Евростат.

Во однос на октомври, годишната стапка на инфлација е намалена во 16 земји, а зголемена е во осум земји, меѓу кои и Хрватска. Во три земји се задржа на октомвриското ниво.

Две третини од земјите на ЕУ бележат двоцифрена годишна стапка на инфлација, покажуваат табелите на Евростат.

Италија, третата по големина економија и важен трговски партнер, беше најблиску до Хрватска во однос на стапката на инфлација во ноември, каде што остана иста како и во октомври, на 12,6 отсто.

Во Германија, најголемата европска економија и воедно важен трговски партнер на Хрватска, таа изнесува 11,3 отсто и е за 0,3 процентни поени пониска од претходниот месец.

Шпанија во ноември забележа најслаб раст на потрошувачките цени од 6,7 отсто, Франција 7,1 отсто и Малта 7,2 отсто.