Усвоени измените на Законот за данок на личен доход за укинување на прогресивното оданочување и даночењето на каматите од заштедите

Собранието на Македонија ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход со кој од 1 јануари 2023 година се продолжува со примена на рамниот данок од 10 %, односно се укинува прогресивното оданочување и се одложува даночењето на каматите на заштедите до влезот на Македонија во ЕУ.

Ова е дел од Концептот на даночна реформа, што го подготви Министерството за финансии, а кој треба да придонесе кон поголема праведност и поправична распределба на даночниот товар, со цел забрзан и одржлив економски раст.

„Целта напредложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход , кој денеска беа усвоени од Собранието, се дел од нашата определба да воспоставиме праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додава дека измените во ова законско решение се постигнати преку дијалог и инклузивен процес со сите засегнати страни што го спроведе Министерството за финансии и дека целата реформа се темели на Стратегијата за реформа на даночниот систем и има поддршка од Меѓуанродните финансиски институции.

„Со постојниот Закон беше предвидено од 1 јануари 2023 година да се примени прогресивно оданочување, кое претходно беше одложено за период од три години. Затоа и ја отворивме темата и врз основа на анализите и заедно со сите општествени чинители преку организираните дискусии дојдовме до ова решение, за укинување на постојниот модел. Во наредниот период ќе се изработи нов модел со кој ќе се постигне зацртаната цел“, потенцира министерот.