Осум лиценцирани даватели на поштенски услуги престанале да работат на поштенскиот пазар од почетокот на годинава, а прогнозите на регулаторот се дека на почетокот на следната година ќе престанат да функцинираат уште неколку. Намалената економска активност на стопанството воопшто, како и зголемените трошоци за енергенси во структурата на цените на поштенските услуги, ја намали побарувачка за услуги за пакети и писма.

– Во периодот од јануари до декември годинава се забележува зголемен број на лиценцирани даватели кои престанале да работат во наведениот период, односно вкупно осум, информираа за МИА од Агенцијата за пошти (АП), на чија веб страница изминатиот период има чести објави дека одредени оператори повеќе не се даватели на услуги.

– Познавајќи ја  состојбата на пазарот, од оваа перспектива, можеме да прогнозираме дека на почетокот на 2023 година ќе престанат да работат уште неколку даватели на поштенски услуги, кај кои веќе е забележана намалена активност во изминатиов период, согласно извештаите за обезбедување на поштенски услуги, кои имаат законска обврска да ги доставуваат до Агенцијата, изјави за МИА директорката на АП, Билјана Аврамовска Ѓоревска.

Анализата на Агенцијата, како што вели таа, покажува дека постојната конкуренција во поштенскиот сектор е соочена со реална опасност од пад на обемот годинава, поради намалената економска активност на стопанството, воопшто, како и заради зголемените трошоци за енергенси во структурата на цените на поштенските услуги.