Кремљ ја оцени како неприфатлива одлуката на Европската Унија за ограничување на цената на гасот.

„Тоа е кршење на пазарниот процес на формирање на цените“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, пренесуваат руските новински агенции.

„Секоја референца на „ограничување“ (на цените) е неприфатлива“, истакна тој.

Министрите за енергетика на државите членки на ЕУ договорија во понеделник ограничување на цените на гасот. Тие одлучија механизмот за ограничување да се активира кога цената ќе достигне 180 евра по мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот природен гас (ЛНГ) во период од три дена последователно, соопштија дипломатски извори.

Против тој лимит беше само Унгарија, Австрија и Холандија беа воздржани, а Германија поддржа. Тоа беа земјите кои претходно се противеа на интервенција на пазарот на гас и ограничување на цените. Механизмот ќе може да се активира од 15 февруари следната година.