Антикризните мерки наменети за компаниите ќе придонесат да се стабилизираат цените во малопродажба, а со тоа се штита и граѓаните од ценовните шокови, рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за внатрешни работи, Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, денеска ја посетија компанија од млечната индустрија „Бучен Козјак“ во Куманово.

Тие се сретнаа со сопствениците и вработените кои истакнаа дека континуитетот во работењето и долгогодишното постоење е она по кое се препознатливи и по кое ја стекнале довербата од граѓаните за нивните производи.

Премиерот Ковачевски вели дека компанијата ги препознала стратешките политики во земјоделството, кои ѝ помогнале да се развие, да ги следи современите текови, да инвестира во стручен кадар, за нивниот квалитет да биде препознатлив кај потрошувачите.

„Млекарницата освен што користи финансиска поддршка за поврат на инвестиции, исто така аплицирале и за субвенционирано снабдување со електрична енергија. Во исто време, со владините антикризни мерки сме потпора и сигурност и за работниците и за работодавците. Исто така со овие мерки овозможивме производителите на прехранбените производи да имаат стабилна и поевтина струја, а тоа очекувам наскоро да влијае и на стабилизирање на цените на производите што ги произведуваат, бидејќи целта ни беше во исто време да ги заштитиме и граѓаните од ценовните шокови“, изјави Ковачевски.

„Радува фактот што ‘Бучен Козјак’ е дел од многуте компании кои инсталирале фотоволтаични системи, за сопствено производство на електрична енергија, со што 30 проценти од електричната енергија си ја произведуваат сами“, изјави Ковачевски.

Министерот Николовски рече дека 2022 година ќе биде запаметена како година во која комплетно се исплатени заостанатите обврски кон земјоделците.

„Подготвивме план и динамика со кој целосно ги исплативме над 20.000 сточари во вкупна вредност од 1,4 милијарди денари, кон одгледувачите на говеда, овци, пчели и кози“, рече Николовски.