Околу три илјади граѓани во изминативе шест месеци ја посетиле изложбата за денарот поставена во Музејот на Народната банка по повод 30-годишнината на македонската национална валута. Посетителите можеа да ги видат охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона „Јошуа и Калеб“ , боите на Шарената џамија, македонскиот афион односно обележјата на најзначајното археолошко, уметничко, архитектонско и природно наследство на овдешните простори отсликани на нашата валута.

„Музејскиот простор и поставките беа искористени за одржување интервјуа, дебати, излагања и јавни настани. Беа организирани и околу 100 предавања за ученици од основните и средните училишта“, велат од Музејот на Народната банка каде вчера е затвори изложбата.

ИЗЛОЖБАТА ЗА 30 ГОДИНИ НА ДЕНАРОТ ЈА ОТКРИВА ПРИКАЗНАТА ЗАД СЕКОЈА БАНКНОТА

Изложбата насловена „В/редности и вредности“, која преку отстапување на артефактите беше поддржана од седум македонски музеи, овозможи увид во уникатната селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари од 1996 година до денес. Во рамките на поставката беа изложени историските и културните вредности преточени на македонските пари.

„Во изминативе години Народната банка, како и преку изложбата, дава постојан придонес кон богатото историско, археолошко и културно наследство на македонската држава, заложувајќи се за натамошно зачувување на духовните и мултикултурните вредности на државата, преточени во ликот на македонските пари“, велат од Народна банка.

А. АНТЕВСКА