Новите методологии за утврдување на минималната плата и пензиите резултираа со раст на примањата на граѓаните за месец март. Постојано расте и просечната плата.
Пензиите за месецов ќе пораснат за скоро седум проценти, а со претходните покачувања тоа означува дека за една година пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти. Новата методологија за пензии беше донесена во март 2022 година, по претходна согласност со Партијата на пензионерите, Сојузот на пензионерите и веќе дава резултати. Со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата добиваат повисоки пензии за 6.8%, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година. Штом измените стапија на сила минатата година покачувањето изнесуваше 2,9 проценти и сега се доаѓа до зголемување на пензиите од ниво до 16 проценти.
Со новата методологија пензијата се утврдува со 50 проценти како резултат на растот на инфлација и 50 проценти во сооднос со растот на просечната плата.
– Минатата година направивме системски модел за раст на пензиите и во време на криза во два наврата се покачија пензиите за 10%. Сега во март ќе има раст од 7%. Кај сите 334 илјади пензионери со мартовската пензија ќе има пораст од 7% – рече во телевизиско гостување заменикот министер за финансии Филип Николоски, додавајќи дека за оние со помали пензии веќе била доделена финансиска помош со антикризните мерки.
Кон крајот на октомври минатава година, Владата ги опфати и пензионерите како дел од категориите граѓани на кои им следува финансиска помош за справување со последиците од енергетската криза.
Примателите на пензија до 11.500 денари добиваат финансиска поддршка во вкупен износ од 6.000 денари, односно по 1.500 денари месечно, во период од четири месеци, а примателите на пензија од 11.500 денари до 14.000 денари добиваат финансиска поддршка во вкупен износ од 3.000 денари, односно по 750 денари месечно, во период од четири месеци.
Минималната плата континуирано расте
Претходно, преку економско-социјалниот дијалог беше утврдена и методологијата за утврдување минимална плата, која од овој месец ќе изнесува 20.175 денари.
– За ова веќе ќе нема уценувања, ќе нема наддавања меѓу синдикати и работодавачи. Дефиниравме заедно методологија, критериумите за пораст се трошоците за живот, односно инфлацијата и порастот на просечната плата. Тоа е заедно усогласено системско решение. Системско е зашто беше одобрено од сите засегнати страни, односно синдикатите и работодавачите – рече неодамна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Со последните измени на законот, како што анализира Сојузот на синдикати на Македонија, минималната плата континуирано расте, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.
Минималната плата во март минатата година од 15 илјади денари се покачи на 18 илјади денари, а сега надмина 20 илјади денари. Притоа, ова решение ќе опфати над 27 илјади административни службеници од јавниот сектор.
Против ваквата методологија за раст на минималната плата досега беше единствено претседателот на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и некогашен министер за финансии, Трајко Славески, а воедно обвини и дека не расте просечната плата, спротивно на податоците од Државниот завод за статистика. Тој смета дека СДСМ и ДУИ ги лажеле граѓаните дека платите растат, но според него тие реално се намалуваат.
– Се вели дека некои луѓе може да ги лажете цело време, сите луѓе можете да ги лажете одредено време, но не можете сите луѓе да ги лажете цело време. На владата на ДУИ поддржана од СДСМ и успеа во изминатите година-две да излаже некои луѓе за одредено време дека ги зголемува платите, но вистината излезе на виделина, според податоците од Државен завод за статистика за исплатената просечна нето-плата во Македонија. Во периодот за кој ДУИ и СДСМ во хор се фалат со зголемување на платите, граѓаните се соочуваат со она што и статистиката го констатира. Куповната моќ на платите, т.е. вредноста на реалната плата во земјава континуирано се намалува, од што најмногу страдаат семејствата со пониски доходи – наведува Славески.
Инаку Трајко Славевски беше меѓу првите кои се побуни против зголемување на минималната плата прво на 12.500, а потоа и на 15.000, предвидувајќи дека така економијата ќе колабирала.
Просечната плата се искачи над 34 илјади денари
Според последните податоци од Завосот за статистика просечната плата порасна на 34,364 денари. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2022 година, во однос на декември 2021 година, изнесува 114.8.
– Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Преработувачка индустрија (20.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Административни и помошни услужни дејности (19.0 %). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање (10.4 %), Дејности во врска со недвижен имот (10.2 %) и Уметност, забава и рекреација (8.4 %), – соопштија од Државниот завод за статистика.
Ваквите бројки покажуваат дека неполни две години пред истекот на мандатот на Владата е исполнето едно од главните ветувања во предизборната кампања на СДСМ.
Со новиот износ на просечната плата доколку се земе предвид дека просечната плата во декември 2017 година изнесувала 23,850 денари растот за само пет години е 10,514 денари. Односно, за шест години просечната плата е зголемена за скоро 50 проценти.
За споредба, пред само десет години, во ноември 2012-тата година, просечната плата била 20.857 денари, додека пак минималната 8.050 денари. Оттогаш започнуваат иницијативите на Сојузот на синдикатите за утврдување минимален износ на плата, кога во првичната верзија на законот минимална плата е дефинирана како најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок.
Растот на просечната плата се припишува на зголемувањата на платите и во платите во приватниот и во јавниот сектор. Инаку, по сектори, само во ребалансот од минатата 2022 година беа испланирани средства за раст на платите од 15% во правосудството, средното и основното образование и детската грижа, 7% раст на платите во високото образование и 5% раст на платите во МВР и во здравството.